Постојат вредности кои ни сто милиони евра не ги купуваат

Откако се прошири информацијата дека помилуваните од 27 април побарале од државата околу два милиони евра на Фејсбук се огласи Богдан Илиевски Бетмен. Тој порача дека на крај памет не му паднало да бара обештетување додека во затвор има луѓе со 211 години неправедна робија. Бетмен напиша дека не како амнестиран, туку како човек никој не може со милион евра да надомести еден ден во ќумезите.
– НА КРАЈ ПАМЕТ не ми паднало да барам обештетување од државата додека во затвор има луѓе со 211 години неправедна робија.
Не како амнестиран, туку како човек. Прво, никој не може со милион евра да надомести еден ден во ќумезите. Второ, постојат вредности кои ни сто милиони евра не ги купуваат – интегритет, достоинство, чест…
Е сега, ако има ВООПШТО можност било каква оштета/надомест да се добие (поим немам, не сум прашувал воопшто, претпоставувам нема бидејќи процесот беше прекинат, а не ослободителен) тогаш ќе побарам и се што ќе земам ќе им го дадам на фамилиите на осудените, подеднакво. Ако нејќат сите, на тие кои сакаат. Ако никој нејќе во фондација, на луѓе со потреба, итн итн.
Луѓето кои се неправедно осудени не ги познавав пред процесот, но делевме иста судбина. Сега „моето“ е трошка, зрно песок, во однос на она што им го направија нив – но ќе даде Господ, ќе има правда, еден ден. Во шутка и во суд јас не видов ниту еден „терорист“ меѓу нас. Дури ни оној главниот сведок кој менува искази неколку пати (ко по нарачка) и брутално и бедно лажеше за мене, за Владо, за Боро, за Дурло… дури ни тој не мислам дека е правично осуден, и дека добил заслужена казна. Така да… правда ќе има, еден ден. Тоа е неизбежно. Се надевам што поскоро. До тој ден ДА ПОВТОРАМ, макар леб да немам да јадам, камења и корења ќе јадам, ама скапан денар не земам и да ми го даваат сами, се додека внатре има луѓе кои се неправедно осакатени од корумпираниот процес во кој беа осудени.
п.с. А новинарите кои не прашуваат, туку пишуваат, се приказна сами за себе. Ама за тоа и за се друго на темава во друга прилика.
Да живее Македонија, напиша Богдан Илиевски Бетмен на Фејсбук.

 

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.

mk_MK
mk_MK