Почина Ѓорѓе Балашевиќ

Легендарниот балкански музичар и текстописец од Нови Сад Ѓорѓе Балашевиќ почина денеска на 67-годишна возраст, од компликации предизвикани од пневмонија, пренесува српски Blic.
Балашевиќ беше примен на Инфективната клиника во Белград пред неколку дена. Според тогашните медиумски известувања, познатиот новосадски кантавтор беше хоспитализиран поради компликации предизвикани од пневмонија.
Балашевиќ се лекувал дома повеќе од 10 дена, но неговата состојба одеднаш се влошила и бил префрлен во болницата.
Српските медиуми вчера објавија дека Балашевиќ се чувствува подобро, дека е расположен, дека разговарал со семејството и се шегувал со лекарите.
Во почетокот на 1982 година, со издавање на албумот „Пуб“, Балашевиќ ја започнува својата соло кариера. Следната година во зимата првпат одржува концерт во Сава центарот во Белград. Насловната нумера од албумот „Celovečernji The Kid“ (издаден во 1983 година) е снимена на англиски јазик и инспирирана е од мексиканскиот фолклор. Во април 1984 го издава својот трет соло албум на кој се наоѓа можеби надобрата негова песна „Словенска“.
Започнувајќи од следниот албум „Бездан“, Балашевиќ формира екипа која со него редовно ќе работи како студиска и концертна поддршка. Самиот Балашевиќ смета дека со овој албум започнува најплодниот дел од неговото творештво. Следниот албум „Панта реи“ добива исклучително лоши критики кои веројатно се последица на тешкиот период кој авторот го имал во приватниот живот.

Следниот албум „Три послератна друга“ снимен е во 1989. Овој албум носи поднаслов Музика од истоимениот роман кој Балашевиќ го објавува во 1989 година. Овој албум бил добро прифатен како од публиката, така и од критиката. На овој албум се наоѓа и песната „Д-мол“ – една од најубавте негови балади. Во периодот кога започнува војната во Југославија издаден е албумот „Марим ја…“. Овој албум е запамтен по исклучително добрите текстови и носталгични ноти.
Во 1993 година Балашевиќ го снима албумот „Један од оних живота“. Албумот излегува во периодот на војната и економската криза која во СР Југославија постоела тогаш. Во тие години концертите на Балашевиќ претставуваат јавни чистилишта на кои тој изнесува критики против постојниот режим.
По нешто подолга пауза, во 1996 година, го објавува албумот „На послетку“. Песните на овој албум се снимено претежно со акустични инструменти. Од инструменти користени се: фагот, обоа, труба, виолина кои на убав начин ја пренсуваат атмосферата на песните на Балашевиќ.
Во 2000 година Балашевиќ го објавува политичкиот албум „Деведесете“. Во овој албум тој јавно ги осудува настаните од претходната деценија.

Љубовните песни кои не се присутни во претходниот албум во потполност го исполнуваат албумот „Дневник старог момка“ кој го објавува на крајот на 2001 година. Овој албум содржи дванаесет песни и секоја од нив за наслов носи женско име. Овој албум ѝ е посветен на негова сопруга Оља. Инаку, со комбинација на почетните букви на сите песни од албумот се добива „Оља је најбоља“.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.