Почнаа разговорите меѓу Движењето ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ за евентуално коалицирање

Сепак, од партијата на Максим Димитриевски посочуваат дека на средбата инсистирале идеолошките столбови на кои ја темели својата платформа, како и дел од програмата за парламентарните избори „Проглас за достоинствена Македонија“ да бидат дел од идната владина програма

Се одржа првата средба за соработка на работните групи на Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“ и на ВМРО-ДПМНЕ, на која се разговарало за политичките начела и платформа за соработка, како и за стратешките определби.

Ова вечерва го соопштија од Движењето ЗНАМ, посочувајќи дека на средбата од нивна страна присуствувале генералниот секретар Горан Минчев и потпретседателите Весна Бендевска и Павле Арсоски, додека од страна на ВМРО-ДПМНЕ присуствувале потпретседателите на партијата Владо Мисајловски и Тимчо Муцински.

Во сооштението од Движењето ЗНАМ нема конкретни детали дали е постигнат некаков договор за коалицирање меѓу двете партии.

Сепак, од партијата на Максим Димитриевски посочуваат дека на средбата инсистирале идеолошките столбови на кои ја темели својата платформа, како и дел од програмата за парламентарните избори „Проглас за достоинствена Македонија“ да бидат дел од идната владина програма.

„Својата платформа ја темелиме на идеолошките столбови, а тоа се Македонија современа, демократска, европска држават, втемелена во илинденските и асномските вредности, интеграција на земјата во Европската Унија на достоинствен начин. Потоа Република Македонија држава во која има правда за сите и нулта толеранција за корупција, Македонија како самоодржлива држава која ќе прозиведува доволно храна и енергија за своите потреби, забрзани и ефикасни реформи во економијата и социјалните политики во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и стабилни меѓуетнички односи“,

се вели во соопштението од ЗНАМ.

Пред два дена пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски по прегласувањето за парламентарните избори на седум избирачки места во изборните единици 5 и 6 рече дека новата влада се очекува да биде формирана до 20 јуни и веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ и Движењето ЗНАМ.

За евентуално учество на Движењето ЗНАМ во идната влада досега немаше официјално потврдени информации дека се водат некакви разговори меѓу политичкиот субјект на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и ВМРО-ДПМНЕ.

Пронајдете не на следниве мрежи: