Преговараме според евроинтегративнта агенда, борбата против корупцијата и економијата

ВМРО-ДПМНЕ внимава и на персоналните решенија кои што се нудат во коалициските преговори, при што истите не треба да бидат ниту компромитирани на било кој начин и да се посветени кон работата, вели портпаролот на партијата

Преговарачкиот процес за состав на влада се базира на принципи, пред сè со акцент на евроинтегративниот процес, борбата против криминалот и корупцијата и економските реформи, потенцираше денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на прес-конференција.

„Она што можам засега да го кажам е дека преговарачкиот процес се базира на принципи, пред се нели на евроинтегративниот процес, борбата против криминалот и корупцијата, како и од потребата од одредени реформи за забрзан економски развој“,

рече Стоилковски одговарајќи на новинарско прашање до каде се преговорите со коалиционите партнери.

Стоилковски додаде дека во тој контекст ВМРО-ДПМНЕ внимава и на персоналните решенија кои што се нудат во коалициските преговори, при што истите не треба да бидат ниту компромитирани на било кој начин и да се посветени кон работата и реформите кои што ќе следат.

„Засега она што може да се каже е дека преговорите се во напредна фаза, но се уште нема конечен договор и се до официјално моментот кога ќе може да се соопшти нема да соопштуваме никакви детали. Се разговара и за ресори кои што се од економска и политичка природа, но најважно е тие да ги прифатат принципите на Владата и генералните програмски определби“,

изјави Стоилковски.

Во преговорите се внимавало на квалитетот на самата поделба и на бројката која што ВМРО-ДПМНЕ ја има во освоени пратеници за овој парламентарен состав. Преговорите помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и потенцијалните владини партнери продолжуваат и во наредните денови.

За потсетување, на последните парламентарни избори одржани на 8 мај, ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратенички мандати, а отворено даде поддршка на коалицијата „Вреди“ која има вкупно 14 мандати со која се обидува да го дефинира следниот владин состав.

Пронајдете не на следниве мрежи: