Прекумерната телесна тежина е се почест проблем

Во 2016 година, повеќе од 1,9 милијарди возрасни луѓе (над 18 години) ширум светот, имале прекумерна тежина.
Загрижувачки е што ваквиот пораст е забележан и кај децата и тинејџерите. Едно истражување покажало дека гојазноста кај оваа група е зголема за 10 пати од 1975 година до денес. Во 2016 бројот на деца и тинејџери со прекумерна тежина бил 124 милиони, наспроти 11 милиони во 1975.
Што ја предизвикува ваквата состојба?


Главната, фундаментална причина поради која луѓето имаат вишок килограми, е дисбалансот помеѓу внесените и потрошените калории. Со други зборови, јадеме повеќе отколку што имаме потреба. Овој проблем е дополнително влошен кога е зачестена консумацијата на храна богата со масти и шеќери и кога не постои доволна физичка активност.

Ваквиот дисбаланс во нашата исхрана и физичка активност често е предизвикан и е под влијание од обврските, секојдневието, навиките и сл. Недоволното влијание и ангажирање на здравствениот систем во овој поглед, исто така може да се вброи како негативен фактор.
Причините за зголемената зачестеност на оваа здравствена состојба се комплексни и многубројни

Како наједноставно објаснување за оваа состојба, може да се смета зголемената достапност и пристап до високо-калорична храна која е често богата со масти и шеќери.
Процесираната храна, инаку богата и со додадени шеќери, сол или разни конзерванси, најчесто е и поевтина, полесна за транспорт и има подолг рок на траење. Тоа значи дека ваквата храна најчесто ја заменува поздравата храна која е базирана на здрави состојки.
Во некои држави, поевтина е „брзата храна“ отколку домашно подготвеното јадење. Тоа е и генералната тенденција.

Покрај храната, се смета дека нивото на физичка активност, во светски рамки, е значително намалено. Помалку време имаме за себе бидејќи повеќе време патуваме до работното место, повеќе време сме во седечка позиција и сл. Исто така, напредокот на технологијата има делумен придонес и до намалена физичка активност кај децата и тинејџерите.
Покрај овие две главни причини, се смета дека некои други здравствени состојби, како и генетиката може да имаат влијание врз телесната тежина.

Во поглед на генетиката, начинот на функционирање на метаболизмот, дистрибуцијата на масното ткиво, јадењето поради стрес и апетитот може да се наследни. Исто така, кај некого ефектот на гените е понагласен, додека кај некои луѓе едноставно тие немаат голема улога. Но, науката не може со сигурност да потврди дека генетиката е од пресудно значење кога станува збор за прекумерната тежина. Навиките на живеење сепак имаат поголемо и позначително влијание.
Последици по здравјето поради прекумерна тежина

Најчестите состојби кои се асоцираат и чиј ризик за појава се зголемува поради зголемената тежина се:


Кардиоваскуларните заболувања – главна причина за смртноста на светско ниво во 2012 година

Дијабет
Состојби на коските и зглобовите, пример остеоартритис
Одредени видови на канцер
Ризикот за овие заболувања расте пропорционално со зголемената телесна тежина. Кај децата, прекумерната тежина го зголемува ризикот за гојазност во подоцнежниот живот, како и за низа на други здравствени проблеми. Покрај тоа, кај децата кои имаат вишок килограми може да се јават моментални здравствени состојби како: проблеми со дишењето, зголемен ризик од скршеници, хипертензија, инсулинска резистентност и сл.

Што може да се направи за растот на гојазноста да се намали или целосно спречи?
Многу од државите во светот се борат со ваквиот тренд, но се смета дека ниедна не била успешна во намалување или спречување на растот. Главниот проблем лежи во тоа што ваквата состојба не се третира со некое лекарство. Промена треба да се направи во начинот на кој луѓето гледаат и ја користат храната како извор на енергија и нутриенти. Треба да се зголеми внесот на храна како овошјето и зеленчукот, а да дојде до помало производство и консумација на процесираната храна.
Во некои држави постојат специјални програми, дизајнирани со цел да ги променат навиките и односот кои го имаат луѓето со храната.

Потребна е поголема свесност, кампањи и промоција на здравата храна и бенефитите од истата. Ваквиот процес е бавен и долг, но создавањето поздрави навики не се случува преку ноќ.
Нашето подрачје и држава има огромен избор на свежа, здрава, достапна храна. Нашите пазари се богатство кое треба редовно да го искористуваме. Зеленчукот и овошјето треба да се секогаш присутни во нашиот дом и во нашите рецепти. Нема замена за домашно подготвените јадења, па затоа секогаш вреди да се одвои време за подготовка на истите.

Истото важи и за физичката активност. Неопходно е издвојување на време од денот кога ќе се посветиме на некакво вежбање, пешачење или било кој тип на раздвижување.
Прекумерната тежина треба да се сфати како сериозен проблем, кој има значителни последици по нашето здравје и како таков, треба да му се придаде соодветно значење и внимание.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.