Претседателот на ЕП, Сасоли, ќе се обрати во Собранието

Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, денеска ќе се обрати во Собранието на Република Северна Македонија, а претходно тој ќе има средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, и со координаторите на пратенички групи и претставници од други политички партии.
Претходно вчера претседателот на ЕП имаше средба со претседателот на Владата, Зоран Заев, и со претседателот Стево Пендаровски.
На заедичката прес-конференција со Заев, Сасоли рече дека за време на последниот Совет на ЕУ имаше приговори што доаѓаа од три влади на земји-членки на ЕУ и овие предлози не доведоа до заклучување на одлуката. Во суштина, како што рече, немаше „Не” за датум, немаше негирање на прашањето за започнување преговори, но имаше еден вид условување, дека нешто повеќе треба да се стори.
– Во овој момент тие влади се во фаза на предомислување, односно ги разгледуваат одлуките што ги донеле, но морам да нагласам дека не слушнавме едно изрично „не”, оцени Сасоли.
Оцени оти тоа што тие земји не ги надминале приговорите до Советот на ЕУ, не треба да се смета како пораз, туку еден вид на застој во процесот, како што и често се случува во демократските земји.
Претседателот на Европарламентот е дециден дека прашањето за проширувањето ќе биде покренато во мај пред Советот на ЕУ, на Самитот во Загреб.
– Северна Македонија треба и мора да ги започне преговорите за членство во Европската унија. Одлуката тоа да не се случи, може да биде променета за неколку месеци, подвлече Сасоли.
Преходно, за време на отворањето на Европската куќа во Скопје, што беше негова прва активност од посетата, рече дека за Европскиот парламент, Европскиот совет и Европската комисија, Северна Македонија е подготвена да ги започне пристапните преговори и изрази надеж дека малкуте држави кои имаат резерва по ова прашање ќе успеат да ги надминат нивните сомнежи.
– Имаме заедничка судбина и не е доволно една мала блокада за да се запре вниманието што го имаме кон вас, а тоа е Северна Македонија да стане дел од Европската Унија. Се работи за разочарување, но треба да имаме голема доверба и надеж, рече Сасоли, обраќајќи им се на младите кои присуствуваа на отворањето на Европската куќа.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.