На неколку локации во државава од утрово во тек е полициска акција поврзана со сомневања за злоупотреби на службената положба. Од Обвинителството не откриваат повеќе детали до завршување на акцијата, а некои медиуми веќе јавија дека се уапсени неколку лица, меѓу нив и поранешниот заменик-министер за земјоделство
Трајан Димковски за случај поврзан со злоупотреби со стоковите резерви.
Со реакција се јави опозициската СДСМ, која оцени дека пријавите против Димковски се монтирани и неосновани и дека станува збор за класичен политички прогон.
– Ваквите монтирани и неосновани пријави за Трајан Димковски, кој целосно ги разобличи сите злоупотреби на Министерството за земјоделство и неспособноста на оваа власт не може да бидат никакво алиби. Очекуваме судските органи да го следат исклучиво словото на законот и во целост да ги отфрлат овие неосновани и монтирани пријави за Димовски. Станува збор за класичен политички прогон, без правна основа и обид за замолчување на СДСМ во откривање на сите корупциски скандали на власта на Мицкоски, велат од СДСМ.


