ПРИЗМА: Фирмата-сопственик на ТВ Алфа обвинета за даночно затајување

На сопственикот на националната телевизија Алфа, фирмата „АЛФА СКОП ДОО“, ќе ѝ се суди за даночно затајување. Скопски обвинител ја обвини фирмата дека го оштетила државниот буџет за приближно 100 илјади евра поради неплатен данок на добивка.

Информацијата за БИРН ја потврдија од Обвинителството.

„Постапувајќи по кривичната пријава против првото лице, надлежен јавен обвинител денеска (31.03) до Основниот кривичен суд Скопје достави обвинителен предлог против едно правно лице за продолжено кривично дело – даночно затајување“.

На обвинението му претходеше кривична пријава што ја поднесе Финансиската полиција. Пријавени беа „АЛФА СКОП“ и управителката на фирмата, Србинката Симонида Кажиќ, која е сега директорка на Државната лотарија во Србија, а со телевизијата управуваше до 2016 година.

За поранешната новинарка, управителка на медиуми, а сега директорка на српската лотарија, постапката е прекината, бидејќи, како што рекоа од Обвинителството, „осомничената е недостапна“.

Во изјава за БИРН Србија, Кажиќ, лани во декември рече дека првпат слуша за пријавата и оти не верува дека во работењето на „АЛФА СКОП“ имало какви било злоупотреби.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.