Присуството на Пол Танге на изложбата со визијата на Кензо Танге за Скопје на ЕКСПО 2025

На Светската изложба „ЕКСПО 2025“ во Осака, Јапонија, Македонија го одбележа својот Национален ден со настап на националниот ансамбл „Танец“, кој претставува симбол на македонската култура и традиција. Со својот енергичен перформанс и карактеристична интерпретација на македонски народни ора и песни, „Танец“ успеа да остави длабок впечаток на многубројната публика и уште еднаш ја потврди значајната улога на културата како средство за зближување на различни народи. Пред настапот на „Танец“ се одржа свечен прием, на кој министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, пред бројни гости и меѓународни претставници, ја истакна важноста на присуството на Македонија на толку значаен настан. „ЕКСПО е средиште на иновации, култура и визионерство за иднината. Нашето присуство овде е вовед во она што планираме да го презентираме во иднина. Македонија денес донесува отворено срце за светот, горда на своето наследство и концентрирана на иднината“, рече Љутков.
Посебно внимание во македонскиот павилјон привлече изложбата посветена на јапонскиот архитект Кензо Танге, кој го дизајнираше Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. По повод 60-годишнината од создавањето на проектот на Кензо Танге за ново Скопје, изложбата претставува избор на оригинални цртежи, проектна документација, историски фотографии и тродимензионален архитектонски модел, кој на абстрактен начин ја доловува неговата визија“, додаде Љутков. Изложбата ја посети и Пол Танге, синот на прочуениот архитект, со што беше потврдена трајната врска помеѓу Скопје и архитектонското наследство на неговиот татко.
Гостите на приемот имаа можност да вкусат македонски специјалитети и вина, додека се информираа за културните и туристичките потенцијали и инвестициските можности што нашата земја ги нуди. В рамките на културната програма, на Денот на независноста на Македонија, 8 Септември, планирани се неколку значајни културни настапи, меѓу кои и изведби на Ана и Игор Дурловски, Кирил Џајковски и Владимир Четкар, чии уметнички изрази го носат македонскиот дух на современата сцена. Учеството на Македонија на „ЕКСПО 2025“ е дел од пошироката стратегија за меѓународна промоција и афирмирање на земјата како модерна, културно богата дестинација, која е отворена за нови партнерства и инвестиции.
The post Присуството на Пол Танге на изложбата со визијата на Кензо Танге за Скопје на ЕКСПО 2025 appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: