Проекцијата за членство во 2025 година не значи прием по автоматизам, нагласи Жбогар

Договорите со Грција и со Бугарија се голем напредок, но очекуваме такви чекори и со другите реформи, особено во судството, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар во синоќешното гостување во емисијата “360 степени“ на “Алсат“. Тој оцени дека има одредени поместувања во состојбата на службите за разузнавање, особено со ставање во употреба на агенцијата за следење на комуникациите, како и по најавите за реформи во самата УБК.
Како област во кои треба се фокусираат реформите го посочи судството.
– Јас би се навратил кај судството, каде навистина сакаме да видиме повеќе. И во јуни земјите членки побараа продлабочување на реформите, па тука сакаме да видиме повеќе. Има работи кои се имплементирани, има некои што треба да се завршат, така што може да се каже дека има уште простор за подобрување. Во врска со јавната администрација гледаме дека во последно време работите се под контрола. Од секогаш советувавме да не се прават кадровски промени ако не се потребни, се мисли на вработувања заради политички придобивки, туку на позициите да се постават квалификувани лица, изјави Жбогар.
Проекцијата за членство во ЕУ на земјите од западен Балкан во 2025 година, која што како можна ја нагласи комесарот за проширување Јоханес Хан, останува, но тоа не значи и бланко влез во ЕУ.
-Остануваме на тој став, но во стратегијата исто така се вели дека тоа нема да се случи по автоматизам. Сакаме да видиме поголема посветеност на реформите во регионот ако сакате да се остварат очекувањата од стратегијата за 2025 година. Следните месеци треба навистина да сте фокусирани да демонстрирате промени во однесувањето во однос на она што беше порано, рече Жбогар.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.