Пет години откако во апликацијата Microsoft Authenticator беше вметната опцијата за генерирање, зачувување и автоматско пополнување на лозинки, компанијата одлучи да ја укине оваа функција. Апликацијата ќе продолжи да ја врши својата примарна улога, која вклучува генерирање на еднократни кодови за дво-факторска автентикација, испраќање на известувања за најава на Microsoft сметките, како и поддршка за „passkeys“. Лозинките кои во моментов се наоѓаат во Authenticator и се поврзани со Microsoft сметката на корисникот, нема да бидат избришани. Наместо тоа, функцијата за пополнување на лозинки ќе ја преземе Edge прелистувачот. За ова, корисниците ќе треба да го постават Microsoft Edge како главна апликација за пополнување на лозинки, заменувајќи го Authenticator во нивните поставувања. Меѓутоа, историјата на генерирани лозинки нема да биде зачувана, па корисниците ќе треба самостојно да ги зачуваат доколку им се потребни. Сѐ уште постои можност лозинките да се зачуваат во датотека и да се префрлат на друга апликација како на пример Bitwarden, 1Password и слични. Процесот на укинување на функцијата во Authenticator ќе започне во јуни годинава, кога ќе се прекине можноста за зачувување нови лозинки во апликацијата. Потоа, во јули ќе се оневозможи користењето на апликацијата за автоматско пополнување на лозинки, а од август, лозинките нема да бидат прикажувани во апликацијата.
The post Промени во функциите на Microsoft Authenticator апликацијата appeared first on 365.mk.


