„Облачиња со сини очиња“ е најновото дело со детска поезија од Ели Маказлиева, која на 120 страници нуди над 100 песни насочени кон најмалите. Петата книга на Маказлиева во серијата „Поезија за деца“ следи по успешните „Разиграни Чадорчиња“, „Пчелки на ролерки“, „Весели вагони низ четири сезони“ и „Чудесен дар во годишен календар“. Песните ја истражуваат поврзаноста меѓу децата, нивната околина и природата, создавајќи хармоничен спој на идеи и зборови. Овие стихови имаат за цел да приближат природните убавини до детските срца, да поттикнат почит и вреднување, но и да ги насочат најмладите кон вистински однос кон светот.
Книгата претставува колекција од песни за најмладите, прилагодени за предучилишна и почетна училишна возраст. Тие се лесни за разбирање и меморирање, бидејќи се базираат на логични и ритмички рими. Со читањето, децата се едуцираат, учат нови зборови и развиваат јазични способности. Во почетното обраќање, авторката ги споредува песните со облачиња од кои истекуваат златни и волшебни стихови, симболизирајќи го секое годишно време.
Промоцијата на книгата е планирана за понеделник, 12 мај, со почеток во 11:00 часот. Ќе учествуваат деца од детските градинки „Ангел Шајче“ од Куманово и „Срничка“ од Општина Аеродром Скопје. Промоторите на настанот се проф. д-р Елизабета Бандиловска и Билјана Чунгурски.
The post Промоција на новата книга за деца на саемот на книга appeared first on 365.mk.


