Промоција на романот „Виенски гамбит“ од Анде Јанков во Македонскиот КИЦ, Софија

На 22 мај, четврток, во 18:30 часот, во рамките на проектот „Промоција на книги од македонски автори преведени на бугарски јазик“, што го организира Македонскиот КИЦ во Софија, ќе се одржи претставувањето на книгата „Виенски гамбит“ од Анде Јанков. Новото издание во Софија ќе го претстават издавачот и книжевен критичар Пламен Тотев и преведувачот Маријан Петров, заедно со присуството на авторот, кој доаѓа за средба со љубителите на литературата.
Анде Јанков е дипломиран економист кој повеќе од десет години работи во приватниот сектор. Во своето слободно време, покрај пишувањето, ужива и во патувања. Започнал со пишување на кратки раскази уште во младоста, а сега пишувањето книги го смета за своја најголема страст. Најважно за него при создавањето на приказна е да ја поврзе содржината со пораката или идејата зад неа. „Виенскиот гамбит“ е првиот роман за детективот Виктор Николов. Поради успехот меѓу читателите, Анде има замислено уште седум приказни кои ќе ги следат потрагите по сè покомплицирани случаи.
Во „Виенски гамбит“, Виктор Николов е 33-годишен инспектор во Одделот за сериозни кривични дела во Скопје. Во текот на неговиот одмор, заминува за Виена за да го посети помалиот брат Даниел, кој се обидува да успее како писател, а работи како шанкер во луксузен ноќен клуб. Таму, Виктор ја среќава Австријката Карен Фишер и меѓу нив веднаш се јавува привлечност. Ноќта полна романтика завршува со ужасно утро. Девојката на Даниел, вработена кај едно од најбогатите австриски семејства, се пронаоѓа мртва, а Даниел нема алиби. Тензичните односи меѓу нив излегуваат на површина, воведувајќи неочекуван пресврт. Може ли да му веруваш на својот брат кога вели дека е невин? И како да направиш разлика меѓу приватниот живот и професијата кога главниот истражител на случајот е жената со која си се разбудил? Овој трилер ќе ве држи во неизвесност до самиот крај.
The post Промоција на романот „Виенски гамбит“ од Анде Јанков во Македонскиот КИЦ, Софија appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: