Раководството на Алијансата за Албанците, предводена од Арбен Таравари, на својата последна седница едногласно одлучи да поднесе колективна оставка пред Собранието и конгресот на партијата, пренесува ТВ21.
„Одлуката е донесена со цел организациско освежување, вклучување на нови кадри и спроведување длабоки и сеопфатни реформи, кои имаат за цел понатамошно зајакнување на политичкиот профил и внатрешното функционирање на Алијансата за Албанците“, велат од партијата.
Одлуката исто така доаѓа како рефлексија на резултатите од локалните избори.
„Управувањето со партијата, до одржувањето на Собранието и конгресот на партијата, ќе го извршува претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, додека Собранието на партијата официјално ќе ги констатира оставките“, нагласуваат од АA.
Според статутарните рокови, Собранието на партијата се очекува да се одржи во средината на февруари, додека конгресот на партијата најдоцна до есента годинава.



