Ристоска до Мицкоски: Кога кандидат однапред се исклучува, подобноста е примарна

Откако премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Ленче Ристоска не е кандидат што Владата го разгледува за функцијата државен јавен обвинител, со реакција се јави и обвинителката.

„Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност. Професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува. Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна — а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, реагира Ристоска.

Изјавата на премиерот Мицкоски следува откако Советот на јавни обвинители пред два дена на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица од петмина пријавени кандидати за функцијата државен јавен обвинител. И покрај позитивната оценка за Ристоска, од ВМРО-ДПМНЕ утрово порачаа дека мора да е свесна дека има јасни критериуми за таа позиција и „ако е навикната подобноста да е еден од нив, како што тоа беше во СЈО каде таа беше десна рака на Јанева, тоа овој пат не е случај“.

Пронајдете не на следниве мрежи: