Рокас: Неопходно е обединување во државата за надминување на пречките за влез во ЕУ

  Вратата на Европската Унија е отворена ширум. Има целосна подршка за Северна Македонија да влезе во ЕУ и сметам дека во овој момент е неопходно земјата да се обедини – Владата, опозицијата, Собранието, граѓанското општество, бизнисите и младите да бидат прагматични да ги забрзаат реформите, порача денеска евроамбасадорот во земјата, Михаил Рокас.

Тој на промоцијата на двата истражувачки труда, „Анализа на јавното мислење за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија (2014 – 2025) и „Нови глобални неизвесности, стари европски обврски: Јавното мислење за пристапување во ЕУ во 2025“ во Собранието, изрази убедување дека иако анкетата покажала дека граѓаните сметаат оти надворешниот фактор е пречка за влез во Унијата, доколку се случи вантрешно обединување, ќе се надминат другите пречки.
– Ви гарантирам дека ако ова се случи, без оглед на тоа што граѓаните мислат дека има проблеми, пречките кон пристапувањето ќе се надминат. Не само дека треба веднаш да се постапи и не е само шанса што треба да се искористи, туку такво е и времето. Оваа и минатата година не можеме да ги споредиме со ситуациите пред пет-шест или четири години – рече Рокас нагласувајќи дека сега е прашање како да градиме партнерство, доверба и кому да му веруваме.
Изрази задоволство што, според анализата, ЕУ е партнерот со најголема доверба.
– Поголема е поддршката од младите. Многу е важно што и младите ја поддржуваат, односно младите покажуваат дека тоа е иднината.   Сите се „за“ ЕУ. Забележуваме дека граѓаните ги одразуваат и приоритетите на планот за раст на ЕУ и агендата за реформи, поточно заштитата на животната средина, но и реформите на судството и борбата против корупцијата – истакна Рокас.
Според него, голем поттик е што Европската Унија и понатаму е партнер од доверба на земјата, економски партнер и главен донатор.

Пронајдете не на следниве мрежи: