Во кои области се доцни со реформите? Михалис Рокас вели дека земјата треба да се фокусира на владеењето на правото и јавната администрација. Министерот Орхан Муртезани вели дека поотежнато одат реформите во судството
Северна Македонија во иднина ќе мора да се фокусира повеќе на владеењето на правото и реформите на јавната администрација. Ова се двете области каде земјата каска со реформската агенда.
„Има две области во кои треба најмногу да се фокусираме: владеењето на правото и јавната администрација. Потребна е компетентна јавна администрација која што ќе може да ги спроведе сите реформи. Во делот на владењето на правото работиме напорно и знаеме дека е голем приоритет. Стагнираше во изминатите неколку години и затоа треба да имаме конкретни чекори напред и тоа да го имаме многу скоро“, порача евроамбасадорот Михалис Рокас на заедничка прес-конференција во Скопје со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, на која беа презентирани мерките од Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027 година.
Министерот Муртезани оцени дека поотежнато одат реформите во секторот правосудство. Тој се надева дека процесот на реформи ќе добие дополнителна брзина.
Силно судство за борба против корупцијата
Владата најави коренити реформи во судството, особено во Судскиот совет и Советот на јавни обвиители. Во таа насока беше покрената и интерпелација во Собранието, на којашто мнозинството пратеници им изгласаа недоверба на петмина членови на Судскиот совет, избрани во законодавниот дом. Со оглед на тоа дека интерпелацијата не значи и нивна смена, тие и понатаму останаа на функциите и покрај повиците на владејачкото мнозинство да поднесат оставки.
Рокас, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека одблиску го следат тоа што се случува во Судскиот совет. „Досега дадовме многу препораки како треба да се случуваат реформите во судството, особено за Судскиот совет. Нашиот став е дека се што може да се толкува како мешање во независноста на судството и функционирањето на Судскиот совет е прашање коешто предизвикува загриженост кај нас. Правните основи за распуштање на членови на Судскиот совет не се поврзани со интерпалацијата. Го следиме ова и очекуваме со реформите да има силно судството, коешто ќе биде основа да и помогне на земјата да се справи со корупцијата“, вели тој.
„Реформската агенда не е лек за сите болести“
Прес-конференцијата следи откако беше објавено дека Македонија е прва од државите во регионот што го потпиша договорот за инструменти и заеми од Планот за раст и за Реформската агенда.
„Пораката на Планот за раст е мошне јасна – тоа е сеопфатна понуда од ЕУ за Западен Балкан за да се поттикнат социо-економските услови коишто отвораат нова страница во нашите односи. Вклучува збир мерки кои што нудат прогресивен пристап до единствениот пазар на ЕУ,до заедничкиот регионален пазар како и механизми за стимулирање реформи“, вели Рокас.
Реформската агенда од Планот за раст, според еврамбасадорот, не е замена за членството во ЕУ, туку е алатка за да се поддржат подготовките на земјата за ЕУ. „Реформската агенда не е лек за сите болести, туку претставува заеднички напор за да се спроведат потребните реформи кои може да го трансформираат општеството“, рече Рокас.
Северна Македонија ги доби првите средства во износ од 52,4 милиони евра, од претфинансирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ. Околу 24,4 милиони евра се за буџетска поддршка и веќе се уплатени на Министерството за финансии. Станува збор за седум проценти од вкупната вредност на финансиската поддршка која што за Северна Македонија изнесува 750 милиони евра. Земјата добива средства и од тековните ИПА програми кои надминуваат 500 милиони евра во чисти грантови за финансирање.
„Со овие финансиски распределби и јасната политичка поддршка Реформската агенда од Планот за раст е досега невидена можност за земјата да ги забрза клучните придобивки од членството во ЕУ, како и да ја зголеми економската конвергентност пред пристапувањето“, нагласи Рокас.
Спроведувањето на Реформската агенда од Планот за раст треба да резултира со тројна победа – опипливи придобивки за граѓаните, забрзување на интеграцијата на земјата во ЕУ и дополнителни ресурси во буџетот на земјата за поддршка на потребните реформи. Резултатите ќе се оценуваат два пати годишно, а средствата ќе се ослободуваат соодветно на фиксните полугодишни распореди. Ако се постигнат целите, ќе се вршат и исплаќања кон националните буџети.