Роналдо: Бев воодушевен кога станав милијардер, не купив авион за да се фалам, туку затоа што ми требаше (видео)

Фудбалската легенда Кристијано Роналдо (40) продолжува да ги воодушевува навивачите во Саудиска Арабија, каде што, на 40-годишна возраст, неуморно постигнува голови за Ал Наср.

Сепак, во интервју со британскиот водител Пирс Морган, португалската суперѕвезда откри дека се ближи крајот на неговата славна кариера.

„Да, можам да си го замислам пензионирањето. Ќе биде наскоро. Ќе биде тешко, сигурно ќе плачам, но ќе бидам подготвен. Сè ќе заврши, а потоа ќе имам повеќе време за други работи“, рече Роналдо.

Петкратниот освојувач на „Златната топка“, кој моментално има 952 професионални гола, призна дека со години го планира животот по фудбалот.

„Размислувам за ова уште од моите 25 години. Сакам да бидам повеќе семеен човек, повеќе присутен за моите деца и пријатели. Го сакам UFC, го сакам паделот. По 40 години, човекот навистина почнува да живее.“

За време на интервјуто, Роналдо потврди дека станал милијардер и дека тоа го исполнува исто колку и фудбалските трофеи.

„Бев воодушевен кога станав милијардер. Тоа беше мојата цел, нешто како освојување на Златната топка. Некои можеби ќе ме наречат арогантен, но бројките не лажат. Јас сум единствениот фудбалер што го постигнал тоа.“

Португалецот откри и дека неговата најскапа набавка е приватен авион, додека луксузните автомобили повеќе не се негова страст.

„Кога бев помлад, бев луд по автомобили. Сега имам над четириесет, но ретко возам. Не го купив авионот за да се фалам, едноставно ми треба за животот што го водам.“

Роналдо го продолжи договорот со Ал Наср до 2027 година во јуни, а планира да го игра својот шести Светски куп со репрезентацијата на Португалија во 2026 година.

„Веќе не ми е гајле што мислат луѓето. Имам 40 години, имам пет деца, одлични пријатели и сè уште имам многу страст. Кога ќе се збогувам, ќе бидам благодарен за сè што ми даде фудбалот“, заклучи Кристијано Роналдо.
The post Роналдо: Бев воодушевен кога станав милијардер, не купив авион за да се фалам, туку затоа што ми требаше (видео) appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: