Руската нафтена компанија „Газпром Нефт“ денес објави дека потпишала договор со авиокомпанијата „Аерофлот“ за соработка во производството и употребата на нискојаглеродно авиогориво (SAF) во Русија.
Како дел од партнерството, експертите на двете компании ќе изработат економско-ресурсен модел на целиот синџир, од набавка на суровини и производство на биогорива до директно полнење на авиони, пренесува ТАСС.
Договорот предвидува развој на патна карта за постепен премин кон одржливо гориво, што вклучува тест полнење на странски аеродроми и последователна редовна употреба на меѓународни линии.
„Нашиот тим веќе го разви првото руско нискојаглеродно гориво за авијација, а сега е клучно да се формира целосен пазар, што ќе бара од сите компании во оваа индустрија да ги здружат силите“, изјави директорот на комерцијалниот сектор на „Газпром Нефт“, Леван Кадагиѕе.
Претставникот на „Аерофлот“, Виктор Кузмин, истакна дека преминот кон нови горива е долгорочен процес за кој авиокомпаниите мора навремено да се подготват за да ја усогласат неговата примена со нивната мрежа на летови.
Според одлуката на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), употребата на SAF гориво ќе стане задолжителна за меѓународни летови од 2027 година.
Одржливото авијациско гориво овозможува намалување на емисиите на стакленички гасови до 80 проценти во споредба со традиционалниот керозин.
Паралелно, Русија работи на воспоставување национален систем за сертификација на биогорива што ќе служи како алтернатива на западните центри за сертификација.
The post Русија подготвува „зелено“ гориво за авиони appeared first on Во Центар.



