Русија ја укина забраната за увоз на македонско овошје

Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската федерација од понеделник целосно ја укинува забраната за увоз на коскесто овошје. Конкретно, од понеделник од нашата држава во Руската Федерација ќе можат да се извезуваат цреши, вишни, сливи, кајсии, праски и нектарини, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– Забраната за увоз на коскесто овошје во Русија, стапи во сила во август минатата година по потврденото присуство на штетниот организам Monilinia Fructicola во Република Северна Македонија. Сега оваа забрана се укинува по извршената инспекција од страна на руските федерални служби за фитосанитарен надзор, која се реализираше на крајот на април годинава. Инспекторите од руската федерална служба спроведоа детална контрола на функционирањето на целокупниот фитосанитарен систем. Оваа одлука е од големо значење за македонските извозници и за зголемување на извозот на земјоделски производи во Русија”, се вели во соопштението на Министерството.
Увозот на праски и нектарини од Македонија во Руската Федерација, посочуваат од МЗШВ, е одобрен со гаранции од македонските надлежните фитосанитарни служби дека тие потекнуваат од подрачја во кои е утврдено дека нема присуство на габата Monilinia fructicola (Winter) Honey. Секоја пратка од праска и нектарина наменета за рускиот пазар, што потекнува од незаразено подрачје, ќе биде пропратена со веродостојни лабораториски анализи издадени од нашата Државна фитосанитарна лабораторија со акредитирани методи за анализа на оваа габа.

 

 

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.