Научниците од Националниот истражувачки универзитет Нижни Новгород „Н. И. Лобачевски“ (ННГУ) презентираа начин за забавување на промените поврзани со возраста и подобрување на функцијата на мозокот во староста со помош на „хемиски коктел“ од лекови кои влијаат на обновувањето на клетките во телото.
Потрагата по соединенија што можат да го забават стареењето (т.н. геропротектори) е една од клучните задачи на модерната наука. Проценката на ефикасноста на ваквите соединенија главно се спроведува на клеточни култури или на млади животни, објаснија научниците.
„Истражувањето на организмите што стареат природно практично никогаш не се спроведува, бидејќи е многу тешко и скапо. Нашата задача беше да утврдиме како соединенијата, кои според научната литература можат да бидат геропротектори, делуваат на организмот на постаро животно“, рече Марија Ведунова, директорка на Институтот за биологија и биомедицина на ННГУ.
Експертите на универзитетот применија пристап базиран на концептот на делумно клеточно репрограмирање. Според нив, овој процес може да предизвика подмладувачки ефект без ризиците што го придружуваат целосното репрограмирање на клетките. Меѓу овие ризици е, на пример, потенцијалното формирање и развој на канцероген тумор.
Научниците користеле таканаречен „коктел“ од две хемиски соединенија: RepSox и транилципромин (TCP). Експериментот бил спроведен на постари женски глувци. На животните им биле давани инјекции од овој препарат 30 дена. После тоа, експертите ги процениле нивните невролошки индикатори, физичката состојба, здравјето на скелетот и целокупното преживување.
Научниците откриле дека кај тестираните животни, невролошките функции се подобриле за 25 проценти, скелетот бил зачуван, а снабдувањето со крв до церебралниот кортекс било подобрено.
Според научниците, комбинираната терапија покажала корисни ефекти кои влијаат на системските процеси на стареење. Сепак, потребни се понатамошни истражувања за да се утврдат точните молекуларни механизми и потенцијалните долгорочни несакани ефекти.



