Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги отфрли шпекулациите дека САД би можеле да се повлечат од Алијансата, нагласувајќи во интервју за неделното издание на весникот „Ди Велт“ дека не гледа такво сценарио, пренесува ДПА.
Тој истакна дека американската нуклеарна заштита за Европа не е доведена во прашање, опишувајќи го нуклеарниот чадор на САД како клучна гаранција за безбедноста на континентот и додавајќи дека очекува тоа да остане непроменето.
Во меѓувреме, изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп во последните недели предизвикаа загриженост дека Вашингтон би можел да ја напушти Алијансата, потсетува германската новинска агенција.
Трамп претходно ја критикуваше, како што смета, недоволната поддршка од сојузниците во НАТО во контекст на војната против Иран.
Сепак, евентуално повлекување на САД од НАТО би морало да биде одобрено од американскиот Сенат со двотретинско мнозинство, што во моментов се смета за малку веројатно.
Руте минатата недела се сретна со Трамп во Белата куќа, по што изјави дека американскиот претседател бил „очигледно разочаран“ од одредени земји-членки на Алијансата, наведува ДПА.
Како точки на несогласување биле посочени користењето на воени бази и мисијата за обезбедување на Ормуската Теснина, при што Трамп повеќепати ги издвојувал Шпанија, Франција и Обединетото Кралство.
Руте во изјавата за „Ди Велт“ додаде дека ја разбира фрустрацијата на Трамп и ја повика Европа да инвестира повеќе во сопствената одбранбена индустрија, оценувајќи дека тоа е од суштинско значење за одржување на одвраќањето и одбраната, пренесе ДПА.



