РФМ: Информација до медиумите

Раководството на Ракометната Федерација на Македонија (РФМ) одлучи да не ја користи финансиската поддршка за 13 свои вработени во спортската администрација за месеците април и мај 2020 во износ од 14,500 денари по вработен понудена во Уредбата на Владата на Р.С. Македонија од 4 април 2020 година.
Ракометната Федерација на Македонија ќе ги задржи на своите работни места сите административци, а при тоа висината на нивниот личен доход, независно од одложувањето на сите ракометни активности, ќе остане иста како во месец февруари 2020 година.
Со оглед на тоа дека тековните ракометни активности за март и април годинава се одложени поради здравствената криза а за истите Федерацијата веќе имаше резервирано финансиски средства, Управниот одбор на РФМ одлучи тие средства да се донираат.
Износот од 615.000 денари ќе биде уплатен од страна на Ракометната Федерација на Македонија на наменската сметка на Министерството за здравство на Р. С. Македонија за справување со здравствената криза предизвикана од вирусот Covid-19.
Ракометната Федерација на Македонија љубезно апелира до целата македонска јавност да се следат и најодговорно да се почитуваат препораките на Министерството за здравство преку нивните официјални канали на комуникација http://zdravstvo.gov.mk/korona-virus/ со цел побрзо да се вратиме на активностите кај нашиот спорт бр. 1: ракометот!

Во оваа прилика, би сакале да упатиме голема благодарност до сите здравствени работници во земјава, до медицинските сестри, хигиеничарите, продавачите на пазарите и во супермаркетите, фармацевтите и техничарите во аптеките, транспортерите, пекарите и сите останати кои во овие специфични услови придонесуваат за непречено опслужувањето на основните потреби на сите домаќинства. Ја користиме оваа прилика и да упатиме искрени желби за добро здравје до сите македонски граѓани!

Со почит,
Ракометна Федерација на Македонија

Пронајдете не на следниве мрежи: