‘рчењето може да биде ран знак за опасен здравствен проблем

‘Рчењерто честа појава во текот на ноќта, може да биде ран знак на опасна хипертензија, или висок крвен притисок. Најголемата студија од ваков вид, спроведена од експерти за нарушувања на спиењето на Универзитетот Флиндерс, покажа дека луѓето кои редовно рчат, особено дебелите мажи на средна возраст, се изложени на поголем ризик од висок крвен притисок и неконтролирана хипертензија, објавува Express.co.uk.

Студијата, објавена во списанието NPJ Digital Medicine, е првата што користи технологија за следење на спиењето дома во подолг временски период за да ја испита поврзаноста помеѓу ‘рчењето и крвниот притисок.

„За првпат, можеме објективно да потврдиме дека постои јасна поврзаност помеѓу редовното ноќно ‘рчење и високиот крвен притисок“, рече водечкиот автор на студијата, д-р Бастиен Леша, од Факултетот за медицина и јавно здравје. „Откривме дека околу 15 проценти од сите учесници, претежно дебели мажи, ‘рчат повеќе од 20 проценти од ноќта. Таквото редовно ноќно ‘рчење е поврзано со висок крвен притисок и неконтролирана хипертензија“, додаде тој.

Според него, резултатите покажуваат колку е важно ‘рчењето да се сфати посериозно во здравствената заштита и третманот на нарушувањата на спиењето, особено кога станува збор за контрола на крвниот притисок.

‘Рчењето често се потценува

Рчењето е многу честа појава, но неговите потенцијални здравствени последици често се занемаруваат. Често се јавува заедно со апнеја при спиење, нарушување при кое дишењето периодично се прекинува за време на спиењето.

„Видовме дека луѓето кои редовно ‘рчат имаат речиси двојно поголем ризик од неконтролирана хипертензија. Овој ризик беше дополнително зголемен кај оние кои редовно ‘рчат и имаат апнеја при спиење, во споредба со луѓето кои не ‘рчат редовно“, рече професорот Дени Екерт, директор на програмата за здравје на спиењето на Универзитетот Флиндерс и еден од водечките автори на студијата.

Самото ‘рчење може да послужи како ран предупредувачки знак за висок крвен притисок, бидејќи нарушениот сон што го предизвикува може да го зголеми ризикот од развој на хипертензија. А хипертензијата, или постојано високиот крвен притисок, може да доведе до сериозни здравствени компликации, вклучувајќи срцева слабост, мозочен удар и срцеви и бубрежни заболувања.

Студијата користела податоци собрани од уреди за следење на спиењето поставени под душеци, кои бележеле ‘рчење и апнеја при спиење, како и домашни монитори за крвен притисок. Студијата траела девет месеци и опфатила повеќе од 12.000 учесници од целиот свет.

Како да се намали ‘рчењето

Ако имате прекумерна тежина, се препорачува губење на тежината. Спиењето на страна исто така може да помогне. За да ви помогне да останете во таа положба, можете да пробате да зашиете тениско топче на задниот дел од пижамите или да набавите посебна перница. Ако вашето ‘рчење го нарушува сонот на вашиот партнер, чеповите за уши можат да бидат едно од решенијата.

Што да се избегнува

Ако сакате да го намалите ‘рчењето, треба да избегнувате пушење и прекумерно консумирање алкохол. Исто така, не се препорачуваат апчиња за спиење бидејќи понекогаш можат да предизвикаат ‘рчење.

„Ова е најголемата студија досега што ја испитува можната поврзаност помеѓу ‘рчењето, апнејата при спиење и хипертензијата користејќи објективни мерења во домашни услови. Таа дава важен увид во можните последици од ‘рчењето врз ризикот од развој на висок крвен притисок“, рече д-р Лешат.

Резултатите дополнително нагласуваат колку е важно да се земе предвид ‘рчењето во клиничката пракса и третманот на нарушувањата на спиењето, особено кога станува збор за контрола на хипертензијата.

„Наодите од оваа студија отвораат врата за понатамошни истражувања за тоа дали терапиите насочени кон намалување на ‘рчењето можат да помогнат и во намалувањето на крвниот притисок и намалувањето на поврзаните здравствени ризици“, додаде тој.

Доколку ‘рчите и забележите лош квалитет на спиење, екстремен замор или тешкотии при дишење за време на спиењето, би било добра идеја да се јавите кај вашиот матичен лекар или специјалист, кој може да ве упати на третман за спиење.
The post ‘рчењето може да биде ран знак за опасен здравствен проблем appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: