САД го нападнаа Иран по речиси една недела пауза

По речиси една недела пауза, американската војска повторно изведе воздушни напади врз цели во Иран, соопшти Регионалната команда на САД – ЦЕНТКОМ. Според американската страна, акцијата била одговор на иранските обиди претходниот ден да изврши ракетни напади врз американски воени бази во регионот.

Во соопштението се наведува дека биле погодени воени командни центри, постројки за ракети и беспилотни летала, како и објекти за крајбрежен надзор и одбрана. Од ЦЕНТКОМ тврдат дека операцијата била успешно реализирана и имала за цел да ги намали заканите што Иран и неговите сојузнички групи ги претставуваат за американските сили, трговската пловидба и земјите во Персискиот Залив.

Во меѓувреме, иранските државни медиуми, повикувајќи се на Револуционерната гарда, објавија дека цел на нивниот напад била американска воена база во Јордан. Од американската команда соопштија дека сите испукани ракети биле успешно пресретнати.

Иранските медиуми претходно информираа и за повеќе експлозии во јужниот дел на земјата.

Американските напади следуваат по прекинот на повеќедневната воздушна кампања, која беше суспендирана минатиот петок. Американскиот претседател Доналд Трамп тогаш изјави дека паузата требало да им даде дополнителна можност на дипломатските напори и преговорите.

Во исто време, американските медиуми известуваат дека во администрацијата расте загриженоста поради можна понатамошна ескалација на конфликтот, како и поради намалувањето на резервите на противвоздушна муниција, меѓу кои и ракетите за системот „Патриот“.

Во вторникот, американските сили, заедно со Саудиска Арабија, извршија и прецизни напади врз логистички центри и складишта за оружје на проирански милиции во Ирак. Според Вашингтон и Ријад, една од тие групи стои зад повеќе од 30 напади со дронови во изминатите денови и дејствувала по наредба на иранската Револуционерна гарда.

Дополнително, во средата, според првичните информации, американски танкер бил погоден од дрон во египетското медитеранско пристаниште Дамиета.

Пронајдете не на следниве мрежи: