САД и Кина оптимисти за постигнување на трговски договор

Првиот ден од трговските разговори меѓу САД и Кина во Куала Лумпур денес беше многу конструктивен и се очекува да продолжи утре, изјави функционер на американското Министерство за финансии.

„Денешните разговори завршија. Тие беа многу конструктивни и очекуваме да продолжат наутро“, изјави портпарол на Министерството за финансии, според Ројтерс. Порано во текот на денот, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би сакал Кина да му помогне на Вашингтон во односите со Русија.

„Би сакал Кина да ни помогне со Русија“, им рече Трамп на новинарите во „Ер Форс Уан“.

Трамп е на патување во Азија, каде што се очекува да разговара за инвестициски договори, мировни иницијативи и трговски прашања. Неговата прва станица е Малезија, каде што ќе присуствува на регионален самит и ќе се сретне со премиерот на земјата Анвар Ибрахим, како и со лидерите на Тајланд и Камбоџа за да потпишат проширен договор за прекин на огнот меѓу двете соседни земји. Американскиот претседател рече дека „должи посета“ на малезискиот премиер, кого го нарече „многу добар човек“. По Малезија, Трамп ќе ги посети Јапонија и Јужна Кореја, каде што се очекува да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во јужнокорејскиот град Бусан. Трамп рече дека очекува „добра средба“ со Си и е „оптимист“ за постигнување „фантастичен договор“ меѓу двете земји. Трамп ќе се сретне со новиот јапонски премиер Санае Такаичи во Токио и се очекува да разговара за инвестициски договори вредни околу 900 милијарди долари во замена за намалување на планираните американски царини.

Пронајдете не на следниве мрежи: