Самсоненко им дал гаранција на играчите дека ќе ги исплати до крајот на мај!

Големата неизвесност која владее со ракометниот клуб Вардар ги уплаши навивачите дека со егзодусот полека доаѓа крајот на Вардар каков што го знаеме, но руски „Спорт“ во текст на новинарот Сергеј Новиков од „Брз Центар“ објавува засега непознати детали за македонската јавност, во која рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко нема да дозволи тотален распад на тимот.
Откако „избувна голем пожар“ во европскиот првак Вардар, па двајца ракометари си заминаа од таборот на црвено-црните, Даинис Криштопанс (Фуксе Берлин) и Павел Атман (Спартак Москва), вардаровите поддржувачи се кренаа на нозе. И тие и играчите бараат одговори за иднината (капитенот Стоилов на прес-конференција рече никој не ни кажува ништо), но наместо да го добиеме директно од него, го прочитавме од рускиот „Спорт“.


Спорег него, Самсоненко и играчите имале состанок неодамна, на кој сите играчи добиле нотарски заверени гаранции дека сите плати кои клубот им ги должи ќе бидат подмирени до крајот на сезонава или попрецизно, до 31 мај. Тежината на долговите изнесувала седум плати, што ќе рече сите од оваа сезона, почнувајќи од август.
Затоа и Атман имаше изјава за руските медиуми, откако си замина, дека не земал ниедна плата откако дојде во Вардар. Во краток период си заминаа и тој и Криштопанс, излегоа вести за договорени трансфери на Шишкарев и на Гедбан, меѓутоа на прес-конференцијата по мечот со Мотор Запорожје, во саботата, тренерот Стевче Алушовски ја даде првата најава за позитивни ветришта.
Рече дека верува оти сега веќе никој нема да си оди, дека во деновите кои следуваат ќе се знае повеќе и дури дека очекува двајца нови ракометари да дојдат до крајот на сезоната.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.