СДСМ како и секогаш ќе настапи со проевропска и прогресивна коалиција


СДСМ на претстојните избори ќе настапи со коалиција, составена од проевропски и прогресивни партии, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со пензионерите во Куманово.

Тој информираше дека привршува постапката за организирање конгреси за избор на кандидат за претседател и за кандидати за пратеници. Анализите на партиите кои сè уште се спроведуваат ќе утврдат дали предизборно листите ќе бидат заеднички.

-СДСМ веќе ја привршува постапката во делот на организирање на конгресите за избор на кандидат за претседател и на кандидати за пратеници. Постапката, јас веќе неколку пати ја имам споделено со јавноста, меѓутоа и партијата јавно ја објави. Како и на секои избори СДСМ ќе настапи со својата коалиција којашто е составена од проевропски и прогресивни партии и тоа ќе биде случај и на овие избори. Дали сега листата ќе биде со вклучување и на други политички партии коишто во минатото не биле дел од коалицијата со којашто ние сме настапувале, тоа ќе зависи секако од одлуките и на нашата партија, меѓутоа и на партиите коишто би се вклучиле, рече Ковачевски.

Во однос на ДУИ и Алијанса на Албанците, претседателот на СДСМ, кажа дека тие се во коалиција и планираат да продолжат со нив, после изборите, но не знае дали ќе одат заеднички.

-Ги спомнавте ДУИ и Алијанса, ние сме со нив во коалиција, владина коалиција, постизборна коалиција, така планираме да продолжиме и во иднина после 8 мај кога ќе извојуваме победа и кога повторно ќе ја предводиме проевропската коалиција со којашто до 2030 година ќе станеме земја членка на ЕУ. А, дали на листите предизборно ќе бидеме заедно, тоа сепак сè уште не е финализирано и сè уште не е дефинирано со оглед на анализите коишто се прават и во нашата партија, меѓутоа и во другите партии. Но, сигурно е дека СДСМ на изборите ќе оди заедно со коалицијата со којашто веќе имаме пратеници заедно во Парламентот, рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ очекува да знае дали ќе одат со ДУИ заедно пред крај на месецов и почетокот на идниот, бидејќи се закажани конгресите.

-Јас сметам дека такво нешто ќе се знае до пред крајот на овој месец, бидејќи ние веќе ги закажуваме конгресите на коишто ќе треба да се избере кандидат за претседател. Сметам дека тој конгрес ќе биде до крајот на овој месец или самиот почеток на месец март, а веднаш после тоа ќе следува и конгресот за избор на кандидати за пратеници, рече Ковачевски.

Тој кажа дека и парламентот и Владата функционираат нормално по разрешувањето и назначувањето на нови министри од Алијанса за Албанците и има мнозинство.

-Па, да. Се покажа дека во Собранието беа разрешени министри коишто беа дел од владата од партијата Алијанса за Албанците. Исто така, вчера беа избрани нови министри од редовите на АА, така што нормално функционира и Парламентот и Владата секако од денеска со нови двајца министри, рече Ковачевски.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: