Опозициската партија СДСМ денес откри сериозни обвинувања против премиерот Христијан Мицкоски.
Од СДСМ тврдат дека премиерот е вклучен во мрежа на енергетски бизниси, која се протега од офшор компании, преку регионални бизнис партнери, па сè до поставување блиски луѓе на клучни позиции во државните институции.
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчковски, на денешната прес-конференција рече дека станува збор за мрежа која е директно поврзана со бизнисот со електрична енергија, притоа обвинувајќи дека токму во оваа мрежа лежи причината за зголемувањето на потрошувачката на електрична енергија.„Погледнете го овој октопод. На врвот секако е Мицкоски. Но, да почнеме со име за кое Мицкоски не сака да зборува – Душан Адамовиќ. Мицкоски го назначил за почесен конзул во Србија, додека 15 дена избегнуваше да одговори за неговата поврзаност со него. Преку Адамовиќ, функционер на сестринската партија на ВМРО, стигнуваме до офшор компанија од Кипар, од каде што започнува демонтажата на овој енергетски бизнис јазол. Од офшор структурата, на Кипар е компанијата „Алтарија рисрч лимитед“, која води до „Руднап груп“, енергетски холдинг на српскиот бизнисмен Војин Лазаревиќ“, рече Фрчковски.
Тој дополнително нагласи дека врските продолжуваат дури и во самата Влада и дека врската со владата на Мицкоски е директна. Фрчковски тврди и дека во оваа мрежа е вклучена и министерката за енергетика, Сања Божиновска, која беше извршен директор на „Руднап Груп“ и менаџер во „Руднап Дооел Скопје“.
Од СДСМ предупредија дека во наредниот период ќе има нови детали за оваа бизнис мрежа.
The post СДСМ: Мицкоски вмешан во криминална енергетска мрежа appeared first on Во Центар.
Пронајдете не на следниве мрежи:



