СДСМ денес поднесе иницијатива до Уставниот суд за укинување на неуставната Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ донесена во Собранието.
„Кога се загрозени уставниот поредок и основните човекови права, потребна е заедничка акција. Денес, СДСМ поднесе иницијатива до Уставниот суд против неуставната Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ усвоена во Собранието. Поточно, за кршење на Дел 1 од Уставот, член 16, кој гарантира: слобода на говор, слобода на јавен настап, слобода на уверување и јавно изразување. И кој забранува цензура во која било форма“, нагласи генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша – Димитријевиќ, на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека резолуцијата е неуставна и претставува сериозна закана за демократијата.
„Неуставната резолуција е директен напад врз слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата како целина, преку цензура. На тема од вонреден јавен интерес. Граѓаните го знаат ова многу добро, за договор со Велика Британија што јавноста го дозна од британските медиуми, поврзан и со заем од 6 милијарди евра. Оваа тема не може да се третира на никаков начин како создавање паника и како закана за јавната стабилност. Резолуција во Собранието не може да биде против „опозицискиот наратив“ и да се заканува со повикување на кривичниот законик, прекршоци и кривични пријави за говор“, нагласи Димитријевиќ, додавајќи дека Уставниот суд треба да ја укине оваа неуставна резолуција.
The post СДСМ: Поднесовме иницијатива до Уставниот суд за укинување на Резолуцијата appeared first on Во Центар.



