СДСМ се повлече од расправата за заемот – најавија дека ќе поднесат кривична и интерпелација за Гаши

Пратеничката група на СДСМ, се повлекоа од расправата за новото задолжување од 260 милиони евра преку конзорциум од 8 банки. Атмосферата се вжешти откако претседателот на Собранието Африм Гаши назначи друг пратеник да ја води Комисијата за финансирање и буџет наместо претседателката Сања Лукаревска од СДСМ која изминативе денови ја закажа комисијата за веднаш на почетокот да ја прекине. Претседателот на партијата Венко Филипче рече дека овој заем има огромна камата од 4,5% а парите од задолжувањата одат во партиски фирми во контролирани тендерски постапки и затоа тие се повлекуваат од комисиската расправа. За потегот на Гаши најави кривична и интерпелација.

„Опасно се зголемува вкупниот долг на 2 милијарди евра за само две години, пари кои ќе ги враќаат следните генерации. Вкупниот долг кој што беше 8 и пол милијарди евра во 2024 година сега е близу 11 милијарди евра. Имајќи предвид дека ова е веќе пракса на претседателот на Собранието Африм Гаши и со тоа го крши Деловникот најавуваме дека ќе поднесеме кривична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието“, вели Венко Филипче.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла обвинувањата од СДСМ и вели дека заемот ќе биде искористен за капитални инвестиции и обврски што доспеваат за плаќање од еврообврзницата.

„Што е важно за македонската јавност од овој финансиски пакет. Прво дека има најповолни можни услови кои што во моментов се достапни на пазарот и убедливо најповолни услови која што некоја земја од регионот ги има обезбедено. Второ, дека со овие средства ќе продолжи интензивното реализирање на капиталните инвестиции. Крунски доказ и факт зошто СДСМ денеска покрај сите оние денови и прес конференции нема да учествува на расправата е дека со дел од овие средства ќе се финансира втората транша од исплаќање на еврообврзница земена во 2020 година“, вели Бојан Стојановски.

Во однос на најавената кривична пријава и интерпелација за Гаши, според Стојановски е очаен политички потег и ги повика СДСМ да поднесе кривична и за него кој од претседателот на Собранието е назначен да претседава со Комисијата.

Пронајдете не на следниве мрежи: