Се одржа втората Конференција за комерцијални недвижности во Скопје

Хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје беше домаќин на втората Конференција за комерцијални недвижности, организирана од страна на компанијата ФОРТОНМКА. И оваа година Конференцијата предизвика голем интерес, поради актуелноста и важноста на темите кои ги истакна пред јавноста. Дискусијата се водеше на шест различни панели, пред повеќе од 350 луѓе, кои имаа можност да се запознаат со последните иновации и трендови на пазарот на недвижности.

На конференцијата земаа учество локални и меѓународни експерти за недвижности, кои имаа можност да дознаат повеќе за моменталната состојба на пазарот и за факторите кои ќе влијаат на неа во иднина.

Преку внимателно дизајнирани панели и теми, Конференцијата отвори дискусија на повеќе важни теми од индустријата за недвижности, со цел да ја поттикне општата дебата и да го намали јазот помеѓу професионалната сфера и јавноста која е заинтересирана за купување и управување со недвижностите. Врвни професионалци, инвеститори и градeжници разговараа и ги истакнаа последните трендови и предизвици во полињата на Урбанизација и урбанистичко планирање, Бизнис згради, Пазар на станбен простор и предложија одговори на некои од горливите проблематики што ја опкружуваат оваа гранка.

Модератор на Конференцијата беше Џејмс Дирсли, извршен директор на британската компанија Verv, кој е еден од водечките глобални гласови во индустријата за недвижности.

Интересот за изградба на згради за живеење бил, е и ќе биде голем, не само во Скопје, туку и во другите градови. Сведоци сме на многу интензивен раст на изградбата на станови во изминатите можеби 20 години во Скопје. Честопати се поставува прашањето дали има простор за уште станови. Пазарот го прави побарувачката. Сѐ додека таа побарувачка функционира, тогаш и инвеститорите имаат мотивација да продолжат со реализација на замисленото. Интерес голем постои. Станбените згради се први, затоа што се најблизок тип на инвестиција. Затоа што најлесно се планира повратот на инвестиција, појасни за Миа, Катарина Николова, извршен директор и партнер во компанијата ФОРТОНМКА, организатор на Конференцијата за комерцијални недвижности. Според неа, недостига канцелариски простор од А класа. За него постои интерес, иако повратот на инвестицијата и динамиката на реализација на овие проекти не се такви како кај станбените објекти. Целта на конференцијата е пазарот на недвижности да го кренеме на едно сосема поинакво ниво. Главната цел е да поставиме сериозна платформа за вмрежување, комуникација, размена на искуства и знаења. Секогаш ќе се одвојуваат проектите, посебно во иднина, кои се добро обмислени, што, покрај тоа што го нудат, имаат, колку и да звучи едноставно, доволен број паркинг места, или имаат соодветна инфраструктура.

За време на паузите помеѓу панелите присутните имаа можност да видат и презентации поврзани со темите и со домашниот пазар на недвижности. Почетната презентација на тема „Создаваме влијание, креираме вредности“ од страна на организаторот ФОРТОНМКА се одржа пред почетокот на првиот панел, а потоа следуваа презентациите на Elena Luka Home, Balfin Real Estate и Edge Facility Management.

Банките и осигурителните компании се важен сегмент кој ја поттикнува побарувачката за недвижности. Според панелистите од овие институции секој добар проект, посебно оние  со висок ЕСГ рејтинг секогаш добиваат поддршка.  На ова се надоврзаа од Балфин кои истакнаа дека инвестицијата во недвижности е особено исплатлива и во овој период најдобрата опција. Според Константин Карагунов инвестициите во хотели се повеќе од исплатливи, а банките тоа го поддржуваат. Балканот е како скриен дијамант, со огромни инвестициски можности во хотелиерството, а тоа е така бидејќи постојат природни убавини, и огромен неиоскористен потенцијал. Но важно е државата да го регулира овoј сегмент, бидејќи постои сива економија, преку издавањето преку букинг.мк и Airbnb.

Конференцијата за недвижности  е одлична можност да се зборува за клучната улога што осигурувањето ја има во процесот на финансирање на проекти од голем обем какви што ни беа претставени денес на оваа конференција. Имавме можност да ја истакнеме врската помеѓу осигурувањето и банките со кои заеднички го оформуваме пакетот што е потребен за еден проект да биде финансиран и во исто време заштитен од сите ризици во секоја фаза. Говоревме и за важноста од имплементација на системи и процеси кои управуваат со влијанието на проектот врз животната средина, за ние да можеме да обезбедиме квалитетно и поволно осигурување,изјави Марија Томеска, претседател на Управен одбор на Еуролинк осигурување “

Олга Дервенџи од Фортон Македонија ја водеше панел дискусијата на тема бизнис згради, која во своето воведно излагање истакна дека во светот најбогатите луѓе инвестираат токму во бизнис згради. Претприемачите во Македонија треба да се охрабрат да инвестираат во бизнис недвижности, во деловни згради истакна Горјан Максимовски од ESS Properties. Бизнис зградите ја зголемуваат својата вредност, и ако се издаваат, обезбедуваат сериозен приход, и се одлична инвестиција. Македонија заостанува во инвестициите во бизнис згради истакна Зоран Арсов од Delight Office solution. Потребен е агилен дизајн и простор кој е прилагоден на вработените, канцеларијата да поттикне поголем продуктивност. Денес веќе се зборува за зелени згради со енергетска ефикасност, со кои се минимизира негативното влијание врз животната средина, и на тоа мора да се размислува, бидејќи тоа е иднината. Недостасуваат офис паркови, гејминг паркови, треба да се развива сегментот бизнис згради, беше заклучок на овој панел.

Крајот на Конференцијата го одбележа коктел-забавата за присутните, која се одржа по завршувањето на сите панели и завршното обраќање.

Првата Конференција за комерцијални недвижности се одржа минатата година, исто така во организација на ФОРТОНМКА, македонската консултантска компанија која на домашниот пазар за недвижности успешно работи веќе 13 години. Идејата е оваа Конференција да прерасне во традиционален настан кој ќе понуди простор за јавна дебата на важните теми од полето на недвижностите, опфаќајќи ја професионалната сфера, пошироката јавност и секој кој е заинтересиран да дознае повеќе за сегашните и идните трендови во оваа индустрија.

Дознајте повеќе за Конференцијата за комерцијални недвижности на: https://realestateconference.mk/

Пронајдете не на следниве мрежи: