Се чека потврда за безбедноста на Астра Зенека за помлади од 60 години

Вакцините на Астра Зенека, за лицата помлади од 60 години, засега останува во фрижидерите. Откако 28 годишна девојка е хоспитализирана со тромботична реакција, 6-7 дена откако ја примила вакцината на Астра Зенека во Србија, министерството за здравство донесе одлука да го стави на стенд-бај вакцинирањето на втората приоритетна група граѓани. Со тоа Македонија го следи и примерот на Германија и на Канада кои вчера го суспендираа вакцинирањето на помладите од 60 односно 55 години. Најавите од министерството се дека ќе се следат насоките од Германија и дефинитивна потврда дека вакцината е безбедна за помладата популација.
„Ќе ги следиме препораките дали некоја возрасна група треба да биде повнимателна или не или евентуално треба да консултира лекар пред да се прими вакцината. Последните насоки од Германија, утрово, се такви. Но повторно велам, додека не се осигураме, додека не сме сигурни, нема да ја почнеме онаа вакцинација која што ја најавивме за почетокот на следната недела на останатите групи граѓани кои што се во втората А група, а тоа се припадниците на критичната инфраструктура“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Паниката пак која се создаде кај граѓаните пак кои викендов се вакцинираа токму со Астра Зенека во Србија, од кои повеќето се под 60 години, Филипче ја смирува со тврдење дека згрутчување на крвта како реакции се јавувало во еден од 120.000 или еден на милион вакцинирани.
„Нема простор за паника, не треба ништо превентивно да се прави. Барем за сега нема таква препорака“, вели Филипче.
Постарите од 60 години, поточно оние од над 77 кои денеска први ја примија вакцината Астра Зенека Филипче вели дека не треба воопшто да се грижат.
„Нема никакви регистрирани несакани ефекти кај постарите лица. Сите овие се за лицата под 60 години. Значи, за постарите лица таква склоност за имунолошка реакција на тромбоцитите, на што резултат може да се јави тромбоза, кај постарите лица не се јавува“, вели Филипче.
И покрај претпазливост за последиците од вакцината Астра Зенека Филипче е на став дека тие се многу помали отколку последиците кои ги предизвиква корона вирусот. Според него претпазливоста не треба да ги обесхрабри граѓаните да се вакцинираат и повторно најави дека доколку препораките од Германија, Канада и Европската агенција за лекови се дека Астра зенека е безбедна и тој ќе се вакцинира со неа.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.