Силјановска за прашањето за шпионажа: Почитувајте ги одредбите од Законот за кривична постапка и презумпцијата на невиност

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова не сака да коментира за таканаречената „шпионска афера“ во нејзиниот кабинет, но вели дека е збунета од одговорите на Обвинителството. Таа смета дека мора да се почитува Законот за кривична постапка и презумпцијата на невиност.

„Малку сум збунета од одговорите на новинарските прашања или од најавите што доаѓаат од Обвинителството за организиран криминал, со кои се објаснува нивната комуникација со Министерството за внатрешни работи. Не, не избегнувам изјави. Сепак, мислам дека треба да се почитуваат одредбите од Законот за кривична постапка, и во однос на презумпцијата на невиност, но како што реков, и во однос на собирањето податоци и евентуалното отворање кривична постапка“, нагласи Гордана Силјановска-Давкова.

Инаку, вчера беше објавено дека Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отворило предистражна постапка поради сомневања за неовластено копирање на податоци од системот на кабинетот на претседателот и вели дека сè уште не ги добило резултатите и доказите од Министерството за внатрешни работи.

Од друга страна, Министерството за внатрешни работи информираше дека анализата на конфискуваната опрема и податоци продолжува и дека сите наоди ќе бидат доставени до Обвинителството по завршувањето на истрагата.
The post Силјановска за прашањето за шпионажа: Почитувајте ги одредбите од Законот за кривична постапка и презумпцијата на невиност appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: