Дигиталниот систем за контрола на границите на Европската Унија (ЕЕС) предизвикува повеќечасовни доцнења на пасошката контрола, поради што времето за спроведување на граничните проверки се зголемило за 70 проценти, соопшти Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) со седиште во Брисел.
Според ACI, новиот систем, чија имплементација во Европа започна во октомври 2025 година, бара дополнително земање отпечатоци од прсти и евидентирање на биометриски податоци, што го отежнува процесот на проверка. Иако во моментов секој десетти патник поминува низ дигитална регистрација, од 9 јануари 2026 година овој удел ќе се зголеми на 35 проценти, пишува Индепендент.
Генералниот директор на ACI Europe, Оливие Јанковец, предупреди дека доколку оперативните проблеми не се решат, зголемувањето на бројот на патници кои мора да поминат дигитална регистрација ќе доведе до уште поголеми метежи и нарушувања во работата на аеродромите и авиокомпаниите, со можен ризик за безбедноста.
„ЕЕС не смее да значи хаос за патниците и неред на нашите аеродроми“, порача Јанковец.
Најтешко погодени се аеродромите во Франција, Германија, Грција, Исланд, Италија, Португалија и Шпанија. Организацијата ACI бара забавување на темпото на воведување на системот, кој треба да биде целосно имплементиран до 9 април 2026 година, поради бројни технички проблеми, недостиг на персонал и чести застои.
Од друга страна, портпаролот на Европската комисија ги отфрли тврдењата за проблеми, истакнувајќи дека системот ЕЕС функционира успешно од лансирањето на 12 октомври 2025 година. Според него, повеќе од половина од патниците веќе се регистрирани, а времето за обработка се намалува со стекнување на искуство од службениците.
Исто така, земјите-членки имаат можност делумно или целосно да го суспендираат системот во исклучителни околности за да се избегнат големи застои во периоди на зголемен сообраќај.



