СИТУАЦИЈАТА Е АЛАРАМАНТНА, ОЧЕКУВАМ СОБРАНИЕТО ИТНО ДА ГИ ДОНЕСЕ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ, АПЕЛИРА ФИЛИПЧЕ

Министерот за здравство Венко Филипче по трет пат апелира дека ситуацијата со коронавирусот во земјава е многу сериозна и очекува од пратениците утре по итна и скратена постапка да ги донесат сите мерки и законски измени.
Апелот на Филипче доаѓа по вчерашната статитистика, кога земјава забележа 22 починати од ковид-19 што е највисока дневна бројка досега, додека 30 отсто од тестираните беа позитивни, а речиси 600 пациенти се хоспитализирани на инфективните одделенија во болниците низ земјата. Ова е дупло повеќе хоспитализирани пациенти од оние пред неполн месец.
Седницата на Собранието е закажана за утре, а на дневен ред се измените на Законот за здравствена заштита на населението од заразни болести со кои ќе се овозможи поефикасно спроведување на инспекциите со недисциплинираните граѓани и правни лица (угостителски објекти). Измените на Законот не се најдоа на дневен ред на седницата на 20 октомври, бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара време да ги разгледа. Со измените задолжително ќе биде носење маска на отворено, се забранува групирање на отворено после 22 часот и се ограничува бројот на гости во домовите на 4 лица.


„Состојбата со вирусот е исклучително сериозна и критична, притисокот врз болниците и медицинскиот кадар е огромен’, напиша синоќа на Фејсбук Филипче.
Филипче смета дека ВМРО-ДПМНЕ со блокадата на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести го загрозува здравјето на населението.
„Ова е смислен и тенденциозен обид за дневно-политички поени кој директно го загрозува здравјето на населението. Од почеток на ковид кризата во земјата, од опозицијата не видовме ништо друго освен неконструктивно делување, опструкции и критики кон сите кои даваат максимални напори во справување со вирусот во земјата. Заменичката министерка за финансии во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со месеци го одолговлекуваше и воопшто не го ни потпиша заемот од Светска банка. Уште една во низата постапки со кои тие ја потврдуваат својата деструктивна политика е фактот дека последното нешто на што размислуваат е здравјето на граѓаните е постојаното дискредитирање на Комисијата за заразни болести, омаловажувајќи ја и експертизата на членовите и нивниот труд во справувањето со кризата“, вели Филипче.
Министерот на 21 октомври рече дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на нова специјална Комисија за коронакризата која ќе ја избира Собранието е само начин да се прикаже наводна грижа и конструктивност, а всушност тој предлог е целосно неиздржан.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.