Министерството за култура и туризам, среде летната сезона, објавува оглас за вработување на двајца посебни советници во Кабинетот на министерот – еден советник за правни работи и еден советник за култура. Рокот за пријавување е само три дена.
Министерството, кое и без тоа располага со 17 државни советници, највисокиот ранг во администрацијата, сега има потреба и од дополнителни кабинетски советници со основна нето-плата од 60.000 денари. За советник за правни работи се бара само една година работно искуство, додека за „советник за култура“ не се бара образование од областа на културата, уметноста или културниот менаџмент, туку диплома по економија, поточно од областа на меѓународните економски односи.
Кандидатите мора во рок од само три дена да обезбедат и достават докази во оригинал или во копија заверена кај нотар, додека изборот потоа може да трае 45, 90 или 120 дена. Значи, граѓаните имаат само три дена да се пријават, додека Министерството има и до четири месеци да го „избере“ кандидатот.
Сосема оправдано се поставува прашањето зошто рокот за пријавување е само три дена и зошто ваквите огласи упорно се објавуваат во период на летни и колективни одмори, кога голем дел од потенцијалните кандидати се надвор од работните места и институциите. Особено е симптоматично што за „советник за култура“ не се бара никаква стручна квалификација од областа на културата. Останува впечатокот дека огласот не е објавен за да се пронајде најквалификуваниот кандидат, туку за да се задоволи формата на една веќе однапред утврдена кадровска одлука.
Што точно ќе советува економист за меѓународни економски односи во Кабинетот на министерот за култура – за културните политики, музеите, театрите, музиката, современата уметност, издаваштвото? Или можеби називот „советник за култура“ е само формалност, додека стручниот профил на кандидатот е однапред замислен?
Кога Министерството веќе располага со армија од 17 државни советници, Левица прашува: што точно ќе советуваат новите советници? Зошто постојните советници не се доволни и што, всушност, работат тие? Наместо рационално користење на постојниот кадар и јакнење на стручноста во институциите, власта продолжува со создавање нови кабинетски позиции кои оставаат сериозен сомнеж дека служат за партиско вдомување и наградување на „заслужни“ кадри.
Ова е уште еден пример за начинот на кој власта ги третира државните институции како партиски кадровски центри. Министерството за култура треба да биде институција во која ќе работат стручни лица од областа на културата, а не простор за кабинетски привилегии и партиски вработувања зад формално објавени огласи.
Левица апелира на рационално користење на веќе постојниот државно-советнички кадар, како и на транспарентни и фер процедури при огласите за вработување и ангажирање на кадри. Роковите мора да им овозможат на сите заинтересирани и квалификувани кандидати реално да учествуваат во постапката, а не огласите да се објавуваат среде летни одмори со рок од само три дена.
Државните институции треба да бидат во служба на народот, а не на теснопартиските интереси. Советник за култура треба да биде човек што ја познава културата, а не човек со диплома по економија кој ќе биде „советник за култура“ само затоа што така е напишано во огласот.
Пронајдете не на следниве мрежи:



