Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, најави промени во условите за користење на средствата на клиентите на Алта банка, со кои треба да им се олесни пристапот до нивните пари.
Според најавеното, од почетокот на следната година неделниот лимит за подигање готовина и плаќање на продажни места со картичките на банката ќе биде зголемен од 10.000 на 15.000 денари. Исто така, идните приливи од плати, пензии и социјални примања, исплатени од институции и компании што имаат сметки во други банки, ќе може да се подигнуваат во целост, без ограничување на износот.
„ Од следната година неделниот лимит за подигање готовина и плаќање на продажните места со платежните картички на Банката ќе се зголеми од 10.000 на 15.000 денари. Третото олеснување се однесува на сите идни приливи од плати, пензии и социјални трансфери кои доаѓаат од институции или компании што имаат сметки во други банки. Овие граѓани ќе можат да ги повлечат средствата во целост, повторувам, во целост, без ограничување на износот. Со тоа, клиентите на Банката нема да имаат потреба да отвораат платежна сметка во друга банка“ рече Славески.
За ова нема да биде потребно клиентите да отвораат платежна сметка во друга банка, туку средствата ќе може да ги користат преку својата картичка или да ги подигнат на шалтер.
Славески најави и дека Алта банка ќе организира автобуски превоз за жителите на Битола, Прилеп, Ресен и Охрид, со цел да им се олесни подигањето на пензиите и социјалната помош. Исплатата во Битола ќе продолжи да се врши во две смени, и во сабота, на 7 ноември 2026 година.
Осврнувајќи се на состојбата на банката, гувернерот посочи дека таа е ликвидна и високо капитализирана, со солидно кредитно портфолио, нагласувајќи дека средствата на клиентите остануваат на нивните сметки. Привремените ограничувања, како што објасни, се однесуваат на начинот на кој клиентите можат да располагаат со средствата и се воведени со цел да се заштити ликвидноста на банката и интересите на штедачите.
Народната банка продолжува да ја следи состојбата и е подготвена да преземе мерки во рамките на своите законски овластувања, со приоритет да се обезбеди непречено работење на банката и заштита на интересите на клиентите.



