Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, вели дека инфлацијата во земјата се стабилизирала.
„Инфлацијата во земјата се стабилизира, а инфлациските очекувања се закотвени, додека девизните резерви се на високо ниво и даваат силна гаранција за стабилност на девизниот курс“, изјави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во гостувањето во програмата „24 Анализа“.
Гувернерот нагласи дека трендовите на инфлацијата во последните месеци покажуваат јасна стабилизација, при што месечниот пад на цените од 0,2 проценти е забележан во два наврати.
„Во последните четири месеци, не само што инфлацијата се стабилизираше, туку имавме и месеци на нејзино намалување. Од особено значење е што инфлациските очекувања на домаќинствата и компаниите се стабилизираа, што значи дека нема очекувања за континуирано зголемување на цените и верувам дека тоа е постигнато“, нагласи Славески.
Според прогнозите на Народната банка, како и на Владата и другите финансиски институции, се очекува инфлацијата да се движи од 2,5 до 3 проценти.
„Нашата цел е да ја намалиме инфлацијата на 2 проценти на среден рок, односно во период од две до три години, што одговара на историскиот просек на движењата на инфлацијата во нашата земја“, нагласи гувернерот.
Тој потсети дека од февруари Народната банка не ја променила референтната каматна стапка за државните записи, но во исто време се преземени макропрудентни мерки.
„Таму каде што почувствувавме одредено прегревање на кредитирањето на населението, главно во станбената изградба, презедовме релативно благи, но видливи мерки. Тие придонесуваат за насочување на заштедите кон денарот наместо кон девизите, што веќе е видливо во билансите на банките, како и за заострување на условите за купување недвижности за инвестициски цели“, објасни Славески.
The post Славески: Инфлацијата во земјата се стабилизира appeared first on Во Центар.



