На седница на Советот на Град Скопје вчера се изгласани 117 членови на надзорни и управни одбори без притоа да бидат доставени нивните биографии. Одлуките се донесени од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и покрај укажувањата од советниците од опозицијата.
Во реакција на Фејсбук, советничката Дарја Мустафоглу од Левица пишува дека од она што успеале да го проверат за 117-те одборници, утврдено е дека тоа се партиски активисти, нивни соработници…
– Кога се назначуваат В.Д. одборници, мора да се исполнуваат законските критериуми за одборник, но ние како Совет не им ги добивме ниту биографиите на новоназначениве одборници и никој не излезе да каже (иако ги повикав) за ниту еден од нив кој е и што е, дали е соодветен за функцијата. И покрај сите аргументи и укажувања дека ова што го прават е невидено и незаконски, мнозинството на ДПМНЕ глатко си ги изгласа овие Одлуки, а на мене ми порачаа дека сум млада и недоволно искусна (за да ги знам нивните практики?!), пишува Мустафоглу на Фејсбук.
И од советничката група на СДСМ се на ист став. Велат дека се гласало за имиња, без притоа да се добијат биографии за лицата кои отсега ќе членуваат во надзорни и управни одбори.


