Сомнителен пакет предизвика паника во воена база на САД

Неколку лица се однесени во болница откако сомнителен пакет што содржел бел прав бил доставен во заедничката база Ендрус во Мериленд, соопштија денес официјални лица и извори запознаени со истрагата.

Според соопштението од базата, инцидентот се случил кога едно лице го отворило пакетот, што довело до евакуација на две згради и воспоставување безбедносен кордон, објавува CNN. Тимовите за итни интервенции брзо реагирале и утврдиле дека нема непосредна закана, по што случајот бил предаден на Канцеларијата за специјални истраги.

Неколку лица кои биле во близина на пакетот биле однесени во Медицинскиот центар Малколм Гроув во базата. Според извори на CNN, првичното тестирање од страна на тимот за опасни материјали не открило присуство на опасни материјали, но истрагата е во тек. Тимот за опасни материјали го напуштил местото на настанот синоќа. Сè уште не се познати степенот и природата на симптомите кај оние кои се разболеле. Собата каде што бил отворен пликот – во зградата во која се наоѓа Центарот за подготвеност на Националната гарда – останува затворена.

Здружената база Ендрус, која се наоѓа во близина на Вашингтон, е позната по тоа што ја користат претседателот, потпретседателот и членовите на кабинетот за патување. Американскиот претседател Доналд Трамп беше во базата еден ден пред инцидентот, во среда. Центарот за подготвеност на воздухопловната Национална гарда, каде што се случи инцидентот, го поврзува Бирото на Националната гарда со воздухопловните единици на Националната гарда во државите и териториите на Соединетите Американски Држави.

Пронајдете не на следниве мрежи: