„Снеп Инк.“, сопственик на социјалната мрежа „Снепчет“, соопшти во средата дека отпушта околу 16 проценти од својата глобална работна сила, оставајќи околу 1.000 вработени без работа во најновата рунда отпуштања.
Во поднесеното барање до регулаторите, „Снеп“ наведува дека цената на овие намалувања на работните места, вклучувајќи ги отпремнините и поврзаните трошоци, ќе биде помеѓу 95 и 130 милиони долари.
„Намалувањето на бројот на вработени е наменето за дополнително поедноставување на нашите операции и пренасочување на ресурсите кон нашите иницијативи со највисок приоритет, користејќи зголемена оперативна ефикасност за да го забрзаме патот кон профитабилност врз основа на нето приход“, се наведува во поднесокот на компанијата.
Според најновиот годишен извештај на компанијата, на 31 декември 2025 година, „Снеп“ имаше 5.261 вработени со полно работно време.
Генералниот директор Еван Шпигел во писмо до вработените изјави дека дополнителните 300 отворени работни места нема да бидат пополнети.
Ова не е прв пат компанијата со седиште во Санта Моника, Калифорнија, да го намали бројот на вработени. Во текот на 2024 година, „Снеп“ отпушти 10 проценти од работната сила, или околу 530 вработени.
На крајот од 2023 година, компанијата го намали бројот на вработени за три проценти, додека во 2022 година намали дури 20 проценти од својата работна сила.
Snapchat, кој е особено популарен меѓу помладите луѓе и познат по своите фотографии и видеа што исчезнуваат, има просечно 474 милиони активни корисници дневно, според годишниот извештај.
„Снеп“ објави во својот последен финансиски извештај дека нето загубата во 2025 година е намалена на 460 милиони долари, додека приходите се зголемиле на 5,9 милијарди долари.
The post Сопственикот на Snapchat отпушти 16 проценти од светската работна сила appeared first on Во Центар.



