По обилните врнежи што ја зафатија земјава и предизвикаа излевање на реките и поплавување на домови и земјиште, денеска состојбата е стабилизирана.
Информациите на Центарот за управување со кризи до 08:30 часот покажуваат дека состојбата во најкритичните региони – Тетовскиот и Кичевскиот, е стабилизирана и нема нови излевања на реките и не се пријавени нови поплавувања.
– Во Тетовскиот регион нема нови пријави за излевање на реката Вардар кај село Форино, ниту на останатите водотеци каде што во текот на вчерашниот ден беше евидентирано излевање и поплавување. На патниот правец Тетово–Попова Шапка е воведена забрана за движење на автобуси, додека за останатите патнички моторни возила е задолжителна употреба на зимска опрема, информира ЦУК.
Состојбата е стабилизирана и во Кичевскиот регион каде се бележи континуирано намалување на реките и водотеците.
На 250 лица кои се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“,им се обезбедени храна, вода и хигиенски производи, а екипи на ЈП „Комуналец“ и ТППЕ вршат испумпување на водата од подрумите на улиците Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември.
Во Битолскиот регион, преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава од жител на ул. „Буквски Мост“ за поплавена куќа, а во ЕЛС – Долнени се очекува интервенција на патниот правец од село Сливје кон село Костинци, кој е во лоша состојба.
За денеска се најавуваат нови врнежи од дожд, а на повиските места од дожд и снег. Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи.


