Со вакцинален картон на сончање?!

Туристичките агенции ја очекуваат претстојната летна сезона со голема доза неизвесност. Дел од нив веќе ги објавија понудите со рана резервација за одмор во Грција, ама сѐ ќе зависи од процесот на вакцинација. Едно е сигурно, агенциите нема да прават нови закупи, а граѓаните што ги чуваат ваучерите од ланските аранжмани, ќе може да си ги искористат оваа година.
Граѓаните што ќе уплаќаат рани резервации, ќе треба да остават помали депозити, а доколку не ги реализираат ваучерите и до крајот на 2021 година, парите ќе им се рефундираат на почетокот на 2022 година.
Ова се најавите од туристичките агенции со кои разговаравме. Оттаму велат дека има јавувања од граѓани, но работите се менуваат во од и речиси секојдневно стигнуваат нови информации.
– Секојдневно ја следиме состојбата и со оглед на фактот дека најголемиот дел од нашите клиенти се заинтересирани за летување во Грција, добро е што работите не само црно-бели. Односно, за оние што не се вакцинирани, ќе има проширени алатки за гранична контрола, а мерките ќе зависат и од текот на вакцинацијата по земја, но и од текот на болеста кај секоја од нив – велат за „Слободен печат“ од туристичката агенција „Савана“.
Грчкиот министер за туризам Харис Теохарис пред некој ден ги соопшти правилата за патување за време на пандемија, под новите околности создадени од вакцината против ковид-19. Министерот рече дека ќе има две категории патници – оние што се вакцинирале и такви што нема да се имунизираат. Вакцинираните повеќе нема да се тестираат или да одат во карантин, туку само ќе треба да покажат документ за вакцинација.


Како и да е, агенциите почнаа да ги нудат и летните дестинации и веќе прават попусти за рана резервација. Цените со попуст важат за резервации со минимум 50 проценти уплата од износот во периодот на попуст. Доплатата на вкупниот износ од договорената цена на аранжманот, се врши до 3 недели пред датумот на патување. Уплатениот износ од 50 проценти не се враќа доколку патникот се откаже од патувањето.
– Веќе ги објавивме понудите за рани резервации за летување во Грција со попусти. Ланската година буквално ни пропадна, а сите резервации се откажаа, но ние ги задржавме закупените апартмани и хотели. Се надеваме дека состојбата ќе се нормализира и дека годинава ќе имаме повеќе патувања за разлика од лани – велат во туристичките агенции.
Како и да е, сѐ уште нема јасен став од повеќето европски земји, но и препораки, како ќе се патува во периодот на вакцинација, а идејата да се користи пасош за вакцинација сѐ уште не е усвоен предлог на ниво на ЕУ. Нашите туристички работници се во постојан контакт и со своите колеги од Србија, бидејќи дел од нив имаат и заеднички закуп на апартмани и соби кај јужниот сосед. Во меѓувреме, Србија веќе побара од Грција протокол и услови под кои нивните граѓани може да патуваат таму, а ист таков протокол ќе се потпише и со Бугарија и со Црна Гора.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.