Со кого договара Мицкоски за дата-центрите под радарот, прашува СДСМ

Со кого договара Мицкоски за дата-центрите под радарот – на кого му ги поклонува водата, земјата и струјата, прашуваат од СДСМ.
„Мицкоски јавно вели дека сè околу дата-центрите ќе било јавно и транспарентно а самиот призна дека Владата преговара со 5-6 потенцијални инвеститори и не соопштува ништо. Која е компанија? Со кого и за што точно се преговара? Кои услови им ги нуди Владата? Нема одговори. Нема имиња. Нема договори. Нема анализи. Нема бројки. Тоа не е транспарентност туку работа зад затворени врати или „под радарот“. Мицкоски не кажува колку струја и колку вода ќе трошат дата-центрите. Не кажува дека земјоделците може да немаат вода за нивите и дека граѓаните ќе плаќаат повисока цена за струјата. Македонија нема ресурси за експерименти зад затворени врати.
Особено не со водата“, велат од СДСМ.
Во држава во која граѓаните веќе се соочуваат со проблеми со водоснабдувањето, загадени реки и труења во Гостивар, додаваат од партијата, власта планира огромни потрошувачи на вода без да ги објави основните анализи.
„Истото важи и за струјата. Македонија нема стабилен енергетски систем за Мицкоски однапред да ветува државни ресурси без јавноста да знае колку ќе чини тоа и кој ќе ја плати сметката. Ова не е стратегија за развој туку опасно коцкање со водата, струјата и земјата на граѓаните. СДСМ нема ништо против инвестиции кои носат развој, работни места и нови технологии. Но, инвестициите мора да бидат во интерес на Македонија, а не ресурсите на Македонија да се ставаат во функција на туѓи профити. Затоа бараме целосна транспарентност: Кој е инвеститорот со која се преговара? Како тоа само во Македонија никогаш ништо не се знае? Секојпат Мицко договара, разговара, а не преговара, и секогаш најавуваат дека ќе има „некој“ инвеститор“, велат од СДСМ.
Прашуваат што ѝ носи на Македонија дата-центарот кога нема многу работни места, троши струја, создава бучава, ја загрева плодната земја, троши вода?
„Каде заработуваат граѓаните на Македонија? Никаде. После сите лаги Мицкоски сака јавноста да му верува на збор. Нема да може. Прво договорите и анализите на маса. Потоа приказните за инвестиции. Водата, струјата и земјата се ресурси на граѓаните, а не приватна сопственост на Мицкоски за тајни преговори и профити“, велат од СДСМ.
The post Со кого договара Мицкоски за дата-центрите под радарот, прашува СДСМ appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: