Со песната „Зајди, зајди“ испратен Горан Стефановски

Студенти од Универзитетот во Кент, Велика Британија, каде предаваше македонски драматург Горан Стефановски, побараа една од зградите на универзитетот да го носи името на нивниот професор.
„Горан беше неверојатен човек и неверојатен предавач, па дали има подобар начин да му оддадеме чест, од тоа што ќе ја именуваме новата зграда по него“, стои во онлајн петицијата насловена „Именувајте ја новата зграда на Универзитетот во Кент по Горан Стефановски“ (Name the new CCCU building after Goran Stefanovski).
Неговите пријатели, колеги, студенти и семјеството, вчера се простија од великанот, објави на нејзиниот Фејсбук профил македонската новинарка Маја Петрушевска која живее во Лондон.
„Во преполната сала исполнета да последното ќоше, седечки и простум, немаше игла каде да се фрли. Со грутки во стомакот, срцето, солзи во очите и со љубов и почит за Горан. Сите, до еден. Неговите студенти започнаа петиција една од зградите на Универзитетот во Кент каде што беше професор ѕвезда, да го носи неговото име. Горан не дочека со Зајди, зајди. Не испрати со Strawberries field forever. Се простивме со Горан. Со национално богатство не може никој да се збогува! А Горан е повеќе од тоа!“, напиша Петрушевска.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.