Според Филипче, вакцини за сите граѓани има, а хронично болните ќе почекаат ред

Хронично болните граѓани во Македонија се заборавени од министерот за здравство Венко Филипче за вакцинација против КОВИД-19. Додека хронично болните граѓани чекаат за да ги повикаат за вакцинација, сите пред нив имаат приоритет, односно огромен број на млади граѓани и функционери веќе се вакцинираа.
Ваквата логика на приоритизација создава револт кај граѓаните што имаат коморбидитети и дел од нив решаваат да не чекаат, туку одат во соседните земји, поточно Србија за да се вакцинираат.
„Молев да ме вакцинираат, имам 56 години и трансплантиран орган, но ме одбија, требало да си го чекам редот. На крај заминав во Србија да се вакцинирам“,вели Соња Столеска, која на почетокот на април ја примила првата доза од вакцината против КОВИД-19 во Белград за „Слободен печат“.
За „Слободен печат“, Петар Темелков од Скопје вели дека има 46 години и дијабетес, на работа мора да оди, секој ден е во контакт со луѓе, а за вакцина аплицирал на сајтот вакцинација.мк само што се отворил. Покана за вакцина сѐ уште не добил.
Пред хронично болни граѓани, први вакцини добија вработените во МВР, АРМ, Владата, Собранието, новинари, а меѓу нив и лица што веќе имаат прележан КОВИД-19 и имаат високо ниво на антитела. Во меѓувреме, реакции за обесправеност стигнуваат и од лицата со ретки болести, кои исто така се уште го чекаат редот за вакцинација.
И Лекарска комора неодамна побара овие категории ризични пациенти да бидат меѓу приоритетните групи за вакцинација против корона вирусот. Но, по се изгледа дека за здравствените власти, мислењата на стручните лица и не се многу важни.
И додека хронично болните граѓани чекаат ред за вакцинација, министерот за здравство Венко Филипче преку медиуми ги убедува граѓаните дека вакцинацијата се одвива според редоследот и дека хронично болните граѓани се меѓу приоритетните за вакцинација против КОВИД-19.
„Во однос на хронично болните се прават контакти. Се подготвуваат списоци. Врвен приоритет се лицата со трансплантации и оние кои одат на дијализа. Очекувам таа постапка да заврши викендов. Останатите ќе одат по систем на пријавување“, рече министерот за здравство Венко Филипче во изјава за медиуми на 07.05.2021.


Лицата со други хронични болести треба да се пријават на вакцинација.мк и да чекаат термин согласно возрасните групи. Министерот Филипче вели дека во периодот што следи приоритет ќе се даде на вакцинирање на возрасните групи и хронично болните, а сосема мал дел од капацитетите ќе биде наменет за вакцинирање на критичната инфраструктура, односно вработените во институциите неопходни за функционирање на државата.
ВМРО-ДПМНЕ веќе во неколку наврати апелираше до министерот за здравство Венко Филипче да не ги заборави хронично болните граѓани и граѓаните со ретки болести.
„Вакцини чекаат хронично болните, ранливите категории и сите оние граѓани кои сакаат да бидат вакцинирани. Но вакцини нема! Има единствено погрешни приоритети и политики на власта“, вели Марија Андоновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во една од своите прес конференции.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.