Утре во Собранието треба да бидат избрани новите членови на Комисијата за заштита од дискриминација, но се спори изборот на кандидатката Џихан Ахмед. Според политичката партија Левица станува збор за кадар на Вреди, а за предлогот оваа кандидатка да биде избрана за член на Комисијата реакција испрати и Мрежата за заштита од дискриминација.
Од Левица, од каде се изјаснија дека ќе гласаат против изборот на оваа кандидатка, велат дека се прави група партизација на оваа Комисија со нестручни кадри кои не ги исполнуваат условите.
– Дополнително брутално исмејување во очите на јавноста е и тоа што кандидатката иако треба да приложи изјава дека не е носител на партиски функции (чија цел е осигурување на непристрасноста), таа уште официјално неизбрана, јавно му се заблагодари за поддршката на лидерот на ВРЕДИ – Изет Меџити! Со ваквото однесување, уште пред формално да биде избрана, таа самата ја урнисува секоја илузија за независност и непристрасност, и јасно демонстрира дека не доаѓа во Комисијата како заштитник на човековите права, туку како партиски пратеник на коалициските договори меѓу ДПМНЕ и ВРЕДИ, велат од Левица.
Дека кандидатката не ги исполнува условите барани на огласот потврдија и од Мрежата за заштита од дискриминација од каде побараа од Собранието да ене ја избере оваа кандидатка.
– На кандидатката ѝ беа поставени две прашања од страна на здруженија на граѓани кои работат на човекови права и недискриминација. Со оглед на тоа што кандидатката е професор и работи во образовниот сектор, ѝ беше поставено прашањето како ќе ги искоментира последните измени во одредбите за недискриминација во законите за образование, кои Европската комисија ги оцени како спротивни на меѓународните стандарди за правата на човекот. Видно од видеото,кандидатката воопшто не знаеше за кои измени станува збор и дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во која таа аспирира да биде член, имаше реакција за таквите законски измени, посочуваат од Мреата за заштита од дискриминација.
Изборот на новите членови е ставена како втора точка на утрешната пленарна сендица.


