СП: Оливер Спасовски за скандалот со наводен шпион во претседателскиот кабинет: Сериозни прашања за безбедносниот кредибилитет на државата

Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ управува со државата, имаме сериозни проблеми од безбедносен аспект, вели поранешниот прв полицаец

Пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, го коментираше последниот скандал со наводното истекување на информации од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, што го објави Слободен Печат
Ова, како што изјави Спасовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, „отвора сериозни прашања за безбедносниот кредибилитет на државата пред меѓународните партнери“

Тој рече дека Претседателот на државата е институција од највисок безбедносен ранг, особено поради членството на Македонија во НАТО Алијансата, каде што циркулираат исклучително сензитивни податоци кои по никоја цена не смеат да допрат до јавноста или до странски разузнавачки служби.

Спасовски посочи дека македонските институции имаат професионален капацитет да се справат со ваквите предизвици, но го отвори прашањето дали државата во моментов ја водат вистинските луѓе.
„Прашањето е дали вистинските луѓе се на вистинските места и дали се цени професионалноста во однос на заштитата на уставниот поредок. Граѓаните знаат дека секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ управува со државата, имаме сериозни проблеми од овој аспект“, рече Спасовски, правејќи паралела со масовното нелегално прислушување до 2016 година во времето на владеењето на Никола Груевски.
Според него, доколку денес јавно се дебатира дали претседателот на државата е безбеден и дали му протекуваат информации од кабинетот, пораката што се испраќа до јавноста и стратешките партнери е катастрофална.
Спасовски појасни дека токму големата афера со прислушувањето била основата за темелните реформи со кои се формираше Оперативно-техничката агенција (ОТА), со цел целосно да се елиминира можноста за партиски пазарење со безбедносниот систем.

„Како беше претходно: МВР ги поседуваше медијациските уреди, имаше директен пристап до сите телеком-оператори и телефоните се прислушуваа за потребите на политичките елити, а не за безбедноста на државата. Како е сега: ОТА функционира како неутрален мост помеѓу операторите и органите за спроведување на законот (МВР, Царина, Финансиска полиција и АНБ). Системот не дека не може да биде злоупотребен, но шансите сега се многу помали бидејќи ОТА гарантира дека никој нема директен пристап до телеком-операторите“, рече поранешниот прв полицаец.

Спасовски на полицијата изрази загриженост и за неодамнешните изјави на актуелниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој спомена дека министерството поседува или планира да користи специјални уреди за директен пристап до телефоните на граѓаните, под изговор за превенција од криминал.
„Не знам дали е тоа несреќно дадена изјава или навистина нешто се подготвува. Но, законот е многу јасен: какви било технички уреди за следење на комуникациите надвор од ОТА може да ги поседува единствено Јавното обвинителство, и тоа исклучиво со наредба на надлежен судија. Сè друго е надвор од законските рамки“, заклучи Спасовски.

Сомнежи за шпионажа во кабинетот на претседателката .Обвинителството активирано
 Сомнежи за шпионажа и индиции дека се извлекувале податоци од компјутерскиот систем во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова отвораат информациите што стигнаа до „Слободен печат“, за кои предистрага води и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Она што во овој случај го зголемува сомнежот е тоа што Обвинителството сè уште не може да обезбеди копии од снимките од безбедносните камери, иако ги барало и кај претседателката и од владината Служба за општи и заеднички работи.
До нашата редакција стигна анонимна кривична пријава што била поднесена и до Обвинителството, потпишана од „група вработени во МВР“, според која, се копирале и енкриптирале, односно се шифрирале податоци во таен код, наводно за да завршат кај странски разузнавачки служби, објави Слободен Печат.

The post СП: Оливер Спасовски за скандалот со наводен шпион во претседателскиот кабинет: Сериозни прашања за безбедносниот кредибилитет на државата appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: