На маргините на министерскиот состанок на НАТО во Хелсингборг, Шведска се реализираше првата средба на шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски со неговата бугарска колешка Велислава Петрова.
Двете министерства излегоа со свои соопштенија од кои може да се заклучи дека двете страни останале на своите ставови.
Министерот Муцунски, како што информираше МНР, ја нагласил потребата од изнаоѓање на решение за билатералното прашање нагласувајќи дека темите со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на разговори. Муцунски, според македонското МНР; го отворил и прашањето за почитувањето на правата на македонското малцинство во Бугарија, посочувајќи на потребата од доследна примена на пресудите на Европскиот суд на човекови права.
Од друга страна, бугарското МНР излезе со информација дека шефицата на бугарската дипломатија го реафирмирала познатиот став дека спроведувањето на обврските што земјава ги има преземено во рамки на европскиот конзензус од јули 2022 година е единствената гаранција Северна Македонија да напредува на патот на евроинтеграциите. За Бугарија, како шти порачала петрова, приоритет останува целосното гарантирање на правата на македонските Бугари.
The post Средба Муцунски – Велислава, двете страни со свои барања appeared first on Provereno.



